Рубијалес уапсен веднаш штом слета во Шпанија, обвинет е за финансиска измама

Рубијалес, заедно со неколку поранешни соработници во РФЕФ, е осомничен за финансиски малверзации и за добивање материјална корист од договорот што организацијата своевремено го потпиша со Саудиска Арабија.

од Бети Божиноска
311 прегледи

Доскорешниот претседател на Шпанската фудбалска федерација (РФЕФ), Луис Рубијалес, бил уапсен и изведен на суд откако денеска се вратил од Доминиканската Република, јавуваат локалните медиуми.

Рубијалес, заедно со неколку поранешни соработници во РФЕФ, е осомничен за финансиски малверзации и за добивање материјална корист од договорот што организацијата своевремено го потпиша со Саудиска Арабија.

Во септември 2019 година, РФЕФ потпиша шестгодишен договор од 240.000.000 долари со Саудијците за натпреварите од шпанскиот Суперкуп да се играат во земјата на Блискиот Исток во следните шест години.

Посредник во овој бизнис беше фирмата „Космос“ со која управува поранешниот репрезентативец на Барселона и на шпанската репрезентација, Жерар Пике, а таа компанија за посредување добила 24.000.000 евра.

Рубијалес извесно време бил во Доминиканската Република, па Цивилната гарда можела да го уапси дури по неговото враќање во земјата.

Во меѓувреме, поради познатиот скандал при доделувањето на медалите на фудбалерките на Шпанија, кога бакна една од неа во уста, Рубијалес беше ослободен од должноста и против него е поднесена кривична пријава за сексуално вознемирување. Тој официјално поднесе оставка од функцијата претседател на РФЕФ во септември 2023 година.

Ако се докажат наводите за финансиски малверзации, Рубијалес ќе се соочи со нови големи проблеми.

Слични содржини