Русија категорично против распоредување нуклеарно оружје во вселената

од Nikola Popovski

Русија отсекогаш била категорично против распоредување нуклеарно оружје во вселената и сега е против тоа, тој став е јасен и транспарентен, изјавил рускиот претседател Владимир Путин на средбата со министерот за одбрана Сергеј Шојгу.

„Ова прашање се однесува на вревата што неодамна се крена на Запад, вклучително и во САД, во врска со распоредувањето нуклеарно оружје во вселената. Нашиот став е јасен и транспарентен: ние отсекогаш сме биле категорично против и сега сме против распоредување нуклеарно оружје во вселената“, рекол Путин.

Според него, Русија го прави само она што го прават Соединетите Американски Држави во вселената и тие го знаат тоа.

Рускиот лидер повикал на почитување на договорите што постојат во таа сфера и предложи повеќекратно да се интензивира заедничката работа.

„САД сакаат еднострана предност“

Соединетите Американски Држави нема да успеат истовремено да повикуваат на стратешки пораз на Русија и да водат дијалог за стратешка стабилност, истакнал Путин.

„Вашингтон и Западот од една страна повикуваат на стратешки пораз на Русија, а од друга страна наводно планираат и сакаат да разговараат со нас за стратешка стабилност, претпоставувајќи дека едно прашање на никаков начин не е поврзано со другo, но тие нема да успеат да го направат тоа. Ако се обидуваат да ни нанесат стратешки пораз, треба да размислиме што претставува стратешката стабилност за нашата земја“, додал рускиот лидер.

Затоа, посочил тој, Русија „ништо не отфрла, не се откажува од ништо, но треба да се разјасни што они сакаат“.

„По правило сакаат да добијат еднострана предност. Тоа нема да се случи“, заклучил Путин.

Белата куќа минатата недела потврди дека претставници на американските разузнавачки служби имаат информации кои укажуваат на тоа дека Русија стекнала способност за ново антисателитско оружје, иако, како што оценуваат, таквото оружје сè уште не е оперативно. Американскиот претседател Џо Бајден во петокот рекол дека „нема докази дека донеле одлука да направат нешто во вселената“ и повторил дека нема непосредна опасност за луѓето.

Слични содржини