Русите масовно бегаат: Распродадени летови во еден правец, чинат и до 9.000 евра

од Stefanija Kuzmanovska

Веднаш штом рускиот претседател Владимир Путин вчера прогласи делумна мобилизација, во таа земја настана општа паника за купување авионски билети за сите странски дестинации и поаѓања од Москва и Санкт Петербург.

Да потсетиме, Путин вчера повика 300.000 резервисти во првата мобилизација во земјата по Втората светска војна, а британските весници, како што е „Дејли мејл“, коментираа дека побарувачката за летови во еден правец од Русија нагло се зголемила.

Директните летови од Москва до Истанбул, Турција и Ереван, Ерменија, двете безвизни дестинации за Русите, се распродадоа истиот ден, наведува Airsales, најпопуларната веб-страница за купување летови во Русија.

Инстаграм профилот „192.рс“ објави видео од Flight Radar, позната веб-страница која го следи воздушниот сообраќај ширум светот.

Во видеото на кое се снимени полетувањата од Москва, можете да видите како буквално бликаат летовите од главниот град на Русија, како од вулкан, а објавата беше придружена со овој текст:

„Денешните летови од Москва и Санкт Петербург откако Путин прогласи мобилизација. Цените на билетите достигнаа астрономски бројки, па летот до Белград чини и до 9.000 евра во еден правец“.

Некои линии за поврзување, вклучително и оние од Москва до Тбилиси, исто така беа недостапни, додека најевтините летови од главниот град на Русија до Дубаи чинат повеќе од 300.000 рубли (4.500 фунти) – околу пет пати повеќе од просечната месечна плата.

Слични содржини