Руски новинар ја продаде Нобеловата награда, парите одат за украинските деца

од Stefanija Kuzmanovska

Минатогодишниот добитник на Нобеловата награда за мир Дмитриј Муратов, главен и одговорен уредник на независниот весник „Новаја Газета“, синоќа на аукција го продаде својот медал за 103,5 милиони долари, а сумата е наменета за децата раселени во украинскиот конфликт.

Износот од продажбата на медалот во Њујорк, кој го купил анонимен понудувач преку телефон, ќе биде доделена на програмата на УНИЦЕФ посветена на украинските деца раселени во војната, соопшти аукциската куќа Херитиџ Аукшн, која ја водеше продажбата.

Кога пристигна конечната понуда, зголемена за десетици милиони долари во однос на претходната, присутните во салата останаа зачудени, меѓу кои и самиот Муратов.

„Јас сум како вас кога станува збор за ова“, изјави тој за АФП по продажбата.

Зборувајќи за неговиот избор УНИЦЕФ да располага со добиените средства, тој рече: „Неопходно ни е организацијата што ќе управува со средствата да не припаѓа на ниту една влада. Може да работи над владите, нема ограничувања за тоа“, рече Муратов.

Муратов ја доби престижната Нобелова награда за мир во 2021 година со филипинската новинарка Марија Реса, а Нобеловиот комитет изјави дека им оддава почит за „нивните напори насочени кон зачувување на слободата на изразување“.

Слични содржини