Руски опозиционер го обвини Путин за „ширење лажни информации“ поради употреба на зборот ВОЈНА

од Stefanija Kuzmanovska

Опозицискиот политичар и советник од Санкт Петербург, Никита Јуферев, побара од обвинителот да реагира и да го испраша рускиот претседател Владимир Путин затоа што го употребил зборот „војна“, со кој го нарече она што Москва официјално го нарекува „специјална воена операција“ во Украина. Опозицијата го обвини Путин дека го прекршил сопствениот закон, објави „Ројтерс“.

Откако ја нападна Украина на 24 февруари, Русија ја нарече интервенцијата специјална воена операција, а во март беше усвоен закон кој пропишува строги казни за намерно „ширење лажни информации“ за руските вооружени сили. Овој закон ги изложи луѓето на ризик да бидат под истрага доколку војната ја нарекуваат со нејзиното име.

На прес-конференција одржана во четвртокот, Путин рече дека целта на Москва е да се стави крај на војната.

Јуферев изјави за „Ројтерс“ дека е свесен дека неговите правни напори се залудни, но дека ја поднел тужбата за да ги разоткрие лагите на системот.

„За мене е важно да го сторам ова за да го свртам вниманието на противречностите и неправдата на овие закони што Путин ги потпиша, но кои тој самиот не ги почитува“, изјави Јуферев за „Ројтерс“.

Тој додаде дека колку повеќе се споменува, толку повеќе луѓето ќе се сомневаат во чесноста и непогрешливоста на рускиот претседател, што на крајот ќе доведе до намалување на поддршката што му ја даваат граѓаните.

Во отвореното писмо опозиционерот побара од државниот обвинител и од министерот за внатрешни работи да го обвинат Путин според законот за ширење лажни вести за акциите на руските вооружени сили.

Тој побара од „Ројтерс“ да не ја открива неговата локација и посочи дека критичарите на Путин, кои јавно ја нарекуваат војната војна, трпат тешки последици.

Опозиционерот Илија Јашин овој месец беше осуден на 8,5 години затвор поради ширење лажни информации за армијата. Членот на Собранието на Санкт Петербург, Алексеј Горинов, во јули беше осуден на седум години затвор поради критикување на инвазијата.

Слични содржини