Нападот со беспилотно летало врз Москва немаше да биде возможен без помошта на САД и НАТО за Киев, соопшти денеска руското Министерство за надворешни работи.
„Ваквите напади немаше да бидат можни без помошта на режимот во Киев од САД и неговите сојузници во НАТО, кои продолжуваат да го вооружуваат со оружје, вклучително и беспилотни летала, тренираат оператори со беспилотни летала и обезбедуваат разузнавачки информации неопходни за извршување на такви злосторства. Сето ова го прави Вашингтон и неговите сателити соучесници во подготовката и спроведувањето на терористичките акти кои Киев ги планира и спроведува со западни пари и користење на западно оружје“, се наведува во соопштението што го цитира РИА Новости.
Министерството за одбрана на Русија претходно соопшти дека руската противвоздушна одбрана утринава спречила обид на Украина да изврши напад врз објекти во Москва и Московската област со пет беспилотни летала, оценувајќи дека станува збор за терористички напад.