Рустеми не чувствува одговорност за состојбата во која се најде Пошта

од Vladimir Zorba

Директорот на Национални пошти Ејуп Рустеми не чувствува одговорност за состојбата во која се најде оваа институција. Во изјава за Локално се дистанцира и од коментарите во јавноста според кои со одлуката АД Македонски пошти да оди на продажба се амнестира неодговорното работење на кадрите на ДУИ кои со години наназад раководат со институцијата.

„Не можам да зборувам вели за другите, туку само за моето време“.

Тврди дека успешно директорувал, а вината за тоа што Пошта стана загубар ја лоцира во коронавирусот поради која се случил огромен пад на приходите на поштенските услуги, и во домашниот, а особено во меѓународниот поштенски сообраќај, како и поради заминувањето на „Еуростандард банка“ во стечај.

„Од моето доаѓање за генерален директор на Пошта на Северна Македонија во септември 2018, компанијата ја заврши годината со негативен финансиски резултат од 168 милиони денари. Во 2019 година успеавме да ја намалиме загубата на 65 милиони денари и во првите три месеци од 2020 годината“, вели Рустеми.

Не е вистинскиот човек, вели, кој треба да одговори на дилемата дали постои и друга опција, освен одлуката на Владата АД МАкедонски пошти да оди на продажба.

„Компанијата работи според Законот за акционерски друштва. Сопственик е Владата, што практично значи дека таа одлучува за неа“, вели Рустеми.

Потврдува дека еден од неговите советници бил Фадис Реџепи, еден од претходните директори. На прашањето какви совети црпел од него ако се знае дека наследил огромни загуби вели: „Да, Реџепи беше мој советник. Секогаш се добредојдени советници со искуство“.

Во разговор за Локално, Рустеми одговори и на прашањето за парадокост на трошење огромни суми пари на премии од страна на директорите во ситуација кога поштата трупала загуби, кој беше нотиран од страна на Државниот завод за ревизија. Извештајот покажа дека Македонска пошта е во загуба од 10 милиони евра, но претпријатието склучувало договори за премии од осигурување со кои обезбедувало богати бонуси за досегашните седум директори.

Според него, се било според закон.

„Ако забележавте добро, извештајот беше за надзорниот одбор бидејќи управниот одбор потпишува менаџерски договор со надзорниот одбор. Според договорот, беше дозволено менаџерско осигурување. Во 2020 година тоа беше тргнато, секако поради корона кризата и нејзините последици“.

Конкретен одговор од друга страна, нема за тоа што ќе се случува со вработените. „Тоа никој не го знае. Треба да се поодготви физибилити студија за можностите за отпочнување на постапка за преземање на компанијата со јавно-приватно партнерство или со приватизација. Потоа ќе видиме каква одлука ќе се донесе“, вели Рустеми.

Повеќе одговори за судбината на вработените немаат ни во Синдикатот на Поштенските и Телекомуникациските оператори на Македонија (СПТОМ). Допрва ќе завземат став и ќе одлучуваат како понатаму.

Претседателот Боро Велигденов за Локално вели дека Синдикатот утре (понеделник) ќе одржи седница на одборот на која ќе се заземе став во врска со актуелната ситуација во друштвото.

„По седницата ќе можеме јавно да го изнесеме ставот на Синдикатот за сите прашања“, вели Велигденов.

Поштата со години тоне во загуби. Според најновите податоци на Министерството за финансии, годинава Македонски пошти има неплатен долг од милион евра, а до крајот на годината за плаќање ќе достасаат уште нешто над 2 милиони евра.

Оваа компанија беше мета и на вооружени грабежи, кои јавноста ги поврзуваше со изборите. Речиси и да нема град каде не беше ограбена некоја експозитура, но парите не се наоѓаа. Ниту сторителите.

Ова не е прв обид за приватизација на некогашната „златна кокошка“, која сега тоне во загуби. Уште во 2009 година имаше најави за продажба на компанијата на Канадската пошта. Но државата се откажа од оваа зделка, без објаснување и за тоа плати пенали од над 200 илјади канадски долари.

Вицепремиерот Артан Груби неодамна одговори потврдно на прашањето дали Словенци се заинтересирани за купување на Македонска пошта.
Тој рече дека во наредниот период СДСМ ќе раководи со Македонска пошта и дека се надева ќе се изнајде најдобро решение и дека ќе има добра понуда.

loading...

Слични содржини