Руте по самитот во Лондон: Европските земји работат на подобрување на одбраната на границите

од Даниел Ѓорѓиевски
62 прегледи

Генералниот секретар на НАТО Марк Руте денеска по самитот за Украина одржан во Лондон изјави дека на состанокот европските земји ги „интензивирале“ напорите, како во однос на сопствените трошоци за одбраната, така и во однос на поддршката за Украина.

Руте потенцираше  дека некои земји веќе јавно објавија дека ќе ги зголемат трошоците за одбрана и дека ги има сите причини да верува дека ќе следат нови најави, пренесе Гардијан.

„Денес на маса слушнав нови најави и нема да ви кажам за нив, бидејќи тие треба да го направат тоа (самите), но ова беше многу добра вест дека повеќе европски земји ќе ги зголемат трошоците за одбрана“, рече Руте.

Тој истакна дека се уште нема  договор за мир, но дека Европа мора да се подготви за тој момент и да се погрижи европските земји да бидат подготвени да помогнат со безбедносни гаранции.

Руте потенцираше дека сојузниците сакаат да „обезбедат Путин никогаш повеќе да не се обиде да ја нападне Украина“, признавајќи дека „ова значи дека Европејците ќе бидат активни во Украина, за да се осигура дека мирот е одржлив и долготрајно“.

Генералниот секретар на НАТО беше прашан за мислење во врска со коментарите на американскиот претседател Доналд Трамп во петокот кога првиот човек на САД изјави дека верува во членот 5 од Алијансата, за што Руте одговори дека разговарал со Трамп многу пати.

„Тој е добар пријател. Работевме заедно осум години. Четири години кога беше прв претседател, а останавме во контакт дури и кога тој беше надвор од претседателската канцеларија“, истакна Руте.

Руте истакна дека сега повторно се многу активно ангажирани и дека е целосно посветен, како што многупати кажа, на членот 5 од НАТО.

„Затоа ве молам, ајде да престанеме да озборуваме за тоа што САД можеле и што не можат да направат, тие се во НАТО, тие се посветени на НАТО, тие се посветени на членот 5, тоа е она што тие постојано го велат“, заклучи Руте.

Во Лондон заврши самитот за Украина, кој траеше приближно два часа, на кој присуствуваа и украинскиот претседател Володимир Зеленски и повеќе од 10 европски лидери.

Слични содржини