Ружин за поддршката за САД во конфликтот со Иран: Никој не нѐ тераше да истрчаме меѓу првите, молчењето понекогаш е позиција

„Видовме дека голем број на соседни држави упорно повикуваат да биде бомбардирана американската база Бондстил во Косово“, вели поранешниот амбасадор во НАТО за „Локално“ за ескалацијата на Блискиот Исток

од Nikola Popovski
54 прегледи Фото: Принтскрин/Јутјуб/ТВ 24

„Како може да се постави нашата држава? Ние сме држава која што немаме некоја суптилна стратегија во таков вид на настани, така што главната ориентација е лојалноста кон САД и затоа тоа беше поддржано од наша страна, иако никој не нѐ тераше да истрчаме меѓу првите“, вели поранешниот амбасадор во НАТО и дипломат, Нано Ружин за поддршката од државниот врв на Македонија за сојузниците САД и Израел во нивната воена агресија кон Иран. Како што потенцира Ружин, голем број држави застанаа зад ставовите на САД – некои итно, некои со изговор дека сакаат да ги одбранат своите претставници и жители. Како пример ја посочува Франција која има свои 150 илјади државјани во регионот на Блискиот Исток, но, додава дека од друга страна, НАТО не ја поддржа оваа операција, иако малите земји како нашата се солидаризираа.

-Дали можеше да се премолчи? Мислам дека од аспект на меѓународното јавно право, можеше да се премолчи, бидејќи молчењето понекогаш е позиција. Не да се истрчува, иако на пример одредени бивши политичари од светот сметаа дека ова е голем хазард на американскиот претседател Доналд Трамп и дека не може да се споредува со ништо. Со тоа, Трамп е повеќе една алатка во рацете на Бенјамин Нетанјаху…Можеби требаше да не бидеме толку гласни, но, како и да е, тоа се случи, вели Ружин во анализа за „Локално“.

Екс-амбасадорот појаснува дека е среќа што како држава географски не сме блиску до фронтот и немаме американска воена база на наша територија која може да биде цел на напад на иранските дронови.

-Иранските акции се ограничени на некоја база на Кипар и исто така на Блискиот Исток. Се надеваме дека војната нема да се прошири и дека ќе остане регионален настан, но какви последици можеме да претрпиме тоа е јасно – од една страна економски заради затворање на Ормутскиот теснец, а од друга страна со порастот на цената на нафтата, ќе почувствуваме притисок. Како трето, се поставува прашањето дали тоа може да ги поремети меѓуетничките односи меѓу муслиманите и христијаните. Видовме дека голем број на соседни држави упорно повикуваат да биде бомбардирана американската база „Бондстил“ во Косово. Се надевам дека до тоа нема да дојде. Кога е предизвикана војна од оваа тежина во време на рамазанските празници кои се симбол на мир и солидарност и хуманизам, секако ова на извесен начин ги пореметува односите меѓу разните религии. Мислам дека сепак е далеку од некое непожелно сценарио. Епилогот на оваа војна се уште не е познат, истакнува соговорникот.

Ружин посочува дека со овој потег, сонот на Трамп за Нобеловата награда исчезнува, но истовремено може ќе се исполни сонот на сите оние жртви кои што дадоа својот живот за демократијата во Иран.

-Сепак ова е тешко да се потврди со сигурност бидејќи се работи за држава со 93 милиони жители, со бројни ентите и постои страв од имплозија на Иран, а со тоа и најопасниот предизвик за нас – бегалска криза. Тоа се милиони луѓе, нагласува дипломатот.

Оваа интервенција на Израел и САД за голем број аналитичари се смета за нелигитимна бидејќи од страна на Трамп не беше разменето мислењето со американскиот Конгрес ниту имаше контакти со Советот за безбедност на ОН. За Ружин, тоа е нелигитимен упад и бомбардирање на Иран. Сепак, како што вели, постојат аналитичари и критичари кои сметаат дека токму нарушувањето на позицијата на Агенцијата за нуклеарна енергија при ОН претставува исто така нелигитимен став на Иран, што на извесен начин ја оправдува интервеницијата.

-Иако Американците истакнаа пет точки кои што се цели на оваа интервенција, голем број на држави со исклучок на неколку, ја осудија интервенцијата. Турција ги осуди настаните, Шпанија не дозволи користење на нивните аеродроми, а многумина автори зборуваат дека е дојден до некаков судир на цивилизациите меѓу еврејско-христијанската алијанса од една и муслиманите од друга страна, што ги спои во заеднички фронт Шиитите и Сунитите, иако Иран под изговор дека се бори против американските интереси, бомбардираше негови соседи, анализира универзитетскиот професор.

Фото: Фејсбук/Христијан Мицкоски

Премиерот Христијан Мицкоски вчера информира дека телефонски разговарал со претседателот на Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ), шеикот Мохамед бин Зајед Ал Нахјан, изразувајќи солидарност со тамошниот народ и најдлабоко сочувство до семејствата на жртвите од нападите. Ова следува откако Иран започна голем ракетен и беспилотен напад кон Израел, а експлозии се слушнаа и во неколку градови во Персискиот Залив, вклучувајќи ги Доха, Кувајт, Дубаи, Абу Даби и Бахреин.

Во разговорот со лидерот на ОАЕ, Мицкоски посочил и дека нападите врз суверени држави и заканите кон целото цивилно население претставуваат грубо нарушување на меѓународното право и сериозна закана за регионалната и глобалната стабилност.

„Македонија, како членка на НАТО и стратешки партнер на Соединетите Американски Држави (САД) останува цврсто посветена на принципите на суверенитет и територијален интегритет. Во време на растечка неизвесност, неопходни се одговорност, координација со сојузниците и определба за спречување на понатамошна ескалација“, стоеше во објавата на премиерот.

Уште во саботата, на денот на почетокот на конфликтот, министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски објави: „Ние стоиме зад нашите американски сојузници во справувањето со дестабилизирачките закани на Блискиот Исток“.

„Соединетите Американски Држави јасно ставија до знаење дека дипломатијата е секогаш првата опција – но одвраќањето останува од суштинско значење кога постојат веродостојни ризици. Безбедноста, стабилноста и одговорноста одат рака под рака. Во исто време, нашите амбасади и конзуларни тимови низ целиот регион се активно вклучени и работат на поддршка и помош на нашите граѓани, обезбедувајќи ја нивната безбедност и обезбедувајќи ја целата потребна конзуларна помош“, порача Муцунски преку социјалните мрежи.

Стејт департментот ги повика Американците веднаш да ги напуштат земјите од Блискиот Исток. Вашингтон затвори неколку дипломатски мисии низ регионот. Иранскиот амбасадор во Шпанија се закани дека би можеле да ги таргетираат американските воени бази во Европа. Израел и САД продолжија со бомбардирањето на Иран во операција за која американскиот претседател рече дека веројатно ќе трае неколку недели.

„Цела на оваа операција е да се уништи нивниот балистички ракетен капацитет и да се осигури дека не можат да го обноват, и дека не можат да се кријат зад тоа – да имаат нуклеарна програма. Сепак, сосема е јасно, би сакале да го видиме Иран кој не е создаден од радикални шиитски свештеници, како што е со години“, изјави државниот секретар на САД, Марко Рубио.

„Ова ќе биде брза и решителна акција. И ние прво ќе создадеме услови иранскиот народ да ја преземе контролата врз својата судбина, да формира своја демократски избрана влада што ќе го направи Иран сосема поинаков Иран“, порача израелскиот премиер Нетанјаху.

Н.П.