Претседателот на Бугарија, Румен Радев се закани дека ќе ги активира сите европски механизми за, како што наведе, ставање крај на антибугарската омраза и хистерија во Македонија поради последните тензии меѓу нашите две земји. Сепак тој не рече дали официјална Софија сака и може да воведе ново вето за својот западен сосед. Радев ова го изјави коментирајќи ја препораката на македонскиот колега Стево Пендаровски, кој побара властите да забранат влез на неколку бугарски државјани во нашата земја, вклучително и европратеникот Ангел Џамбаски. По седницата на Советот за безбедност, Пендаровски препорача на одредени граѓани на Бугарија да им се забрани влез во Северна Македонија, особено на 4-ти февруари, за кога е закажано чествување на роденденот на македонскиот револуционер Гоце Делчев.
Поранешниот амбасадор во НАТО и универзитетски професор Нано Ружин смета дека македонската политичка елита е заситена од постојаните изјави и ирационални барања на високи бугарски функционери и претпоставува дека тоа го мотивирало претседателот Пендаровски да го каже како еден вид опомена и да го испрати до Владата и МНР. Сепак тој во разговор за „Локално“ вели дека забраната на влез на Џамбаски може да доведе до одредени реакции од Бугарија, но не верува дека до степен Софија да наметне услови, бидејќи сето тоа е предвидено во францускиот предлог.
– Париз има големо значење за натамошниот пат на Македонија кон ЕУ. Инструментот наречен „персона нон грата“ е типично дипломатско алатка која фигурира во член 9 од Виенската конвеција за дипломатските односи. Во таа насока сепак треба да сме свесни дека овој чекор ќе предизвика реципроцитетен одговор, затоа што ако на некого му забраните да дојде во вашата држава или на одредено место, тоа може да го направи и другата страна, не затоа што бара реваншизам, туку затоа што е вообичаено меѓу дипломатските контакти, ни вели Ружин.
Професорот советува да бидеме внимателни и да ја следиме големата слика и интересот дека треба да одиме кон ЕУ.
-Да ги отстрануваме сите оние елементи кои можат да го попречат тоа, но исто така разбирам дека дел од нашата политичка структура сака да остане достоинствена и да постави одредени граници до каде што може некој да не навредува, да прави големодржавни и територијални амбиции. Овој настан не оди во прилог на нас и Бугарија. Треба да се јакне добрососедството, порачува дипломатот.
Тој е со став дека односите меѓу двете земју се во една непријатна епизода, но ја разбира горчината од македонска страна.
-Не само Пендаровски, туку и граѓаните почувствуваа извесна горчина и еден непријатен предизвик со оглед дека тие изјави се многу директни и се однесуваат на нашиот идентитет и територија. Ја разбирам реакцијата на Пендаровски. Таквите изјави на бугарските политичари штетат и го вознемируваат населението и медиумите. Ова е непријатен чин, потенцира Ружин.
Додава дека непотребно Пендаровски го викна Милков да прошетаат до Ваташа затоа што тоа се познати факти и тука не е потребно да правиме било какви докази.
-Тоа е враќање кон минатото и сметам дека треба да сме свртени кон иднината. Секако дека евентуалната забрана на Џамбаски можеби ќе го задоволи јавното мислење на нашата држава, но ќе ги влоши односите меѓу Софија и Скопје. Веројатно се остава на анализата на тимовите на претседателот и Владата и МНР да решат за ова. Не верувам дека ќе дојде до прогласување за персона нон грата, но е добро е што е опоменат за работи кои се битни за состојбата во државата и односите со нашиот источен сосед. За нас е многу битно пред се членството во ЕУ, односите во тој сегмент, а не да бараме закачки. На популистите и националистите не им е место во меѓусоседските односи меѓу Македонија и Бугарија.
Н.П.