Ректорот на Универзитетот ФОН и поранешен амбасадор на Македонија во НАТО Нано Ружин е оптимист дека спорот со името меѓу Македонија и Грција може да биде решен следната година, за што вели дека во моментов во прилог одат и внатрешните и надворешните фактори.

Ружин во изјава за МИА даде осврт на последните случувања со обидите да се придвижи процесот за решавање на речиси тридеценискиот спорт, откако вчера по Брисел по пауза од три години имаше средба на медијаторот Метју Нимиц и преговарачите на Македонија и Грција, Васко Наумовски и Адеманатиос Валисакис.
– Сега можеме да бидеме комплетно оптимисти, затоа што според филозофијата на дипломатските преговори, постојат одредени фази, механизми, правила, а еден од основните предуслови за решавање е да постои една структурирана атмосфера – вели Ружин.
Тој смета дека сегашната политичка структура и во Македонија и во Грција оди во прилог на можноста за решавање на спорот.
И позитивното придвижување на настаните не го гледа само во промената на политичката структура во земјава, туку и во однесувањето на грчката страна.
Вели дека Заев и грчкиот премиер Алексис Ципрас се лидери ослободени од национализам и националистички претензии, нешто што според него го отвора патот за пронаоѓање решение, а што беше голем блокатор не само за името, туки и за развојот на целокупните билатерлни односи.
– Пред нас имаме двајца решителни политичари, едниот е Зоран Заев другиот е Алексис Ципрас, кои не се оптоварени со националистичка реторика, амбиции, иредентизми, туку преминуваат на реалполитиката. Тоа значи Македонија да стане членка на НАТО и ЕУ, а Грција да се ослободи од некој хипотетички иредентизам или дека некој има амбиции да им земе дел од нивниот историски, антички идентитет. Иако ние немаме ниту такви шанси, ниту такви амбиции тие ги гледаа учебниците, го гледаат Скопје 2014, целата антиквизација, се одеше дотаму дека Аристотел бил Македонец. Сето тоа го оптоваруваше багажот на можните преговори, вели соговорникот на МИА.
Нагласува дека прашање доколку сега не се реши на крај ќе испадне смешно, додавајќи дека со наоѓање решение никој нема да загуби и оти Македонија нема да преговара за своите идентитетски содржини.
Во овој процес двете страни треба брзо да реагираат и да ги искористат позитивните прилики и ниту една од нив не би смеела да си дозволи да навлезе во ситуации на предвремени избори.
Во врска со можноста целиот процес да биде блокиран од опозицијата кај нас, тој вели дека мора да се направи систем, кој ќе гарантира дека тоа што ќе биде потпишано ќе се почитува.
– Во преговорите се земаат предвид и ризичните моменти, ризични ситуации, политичка промена. Тоа се работи за кои треба да гарантира меѓународната заедница, вели Ружин и додава дека доколку се реши прашањето меѓународната заедница ќе треба да ги награди Заев и Ципрас.
Во континуитет на решавање на спорот со Грција очекува и покана за членство во НАТО на самитот во јули следната година. Но вели дека постои можност таа покана да биде понудена и многу порано, бидејќи не е потребен самит за да се добие покана, тоа може да се направи и со одлука на амбасадорите на земјите-членки. Прогнозата за прием во ЕУ ја дава за 2023 или 2024 година./MIA