С. Македонија гласаше ЗА резолуцијата на ОН со која се осудува руската анексија на украинските региони

од Nikola Popovski

Синоќа Генералното собрание на Обединетите нации (ОН) усвои резолуција со која се осудува нелегалната анексија на украинските региони од страна на Русија, при што 143 земји гласаа за усвојување на резолуцијата, меѓу кои и С. Македонија.

Гласањето на Генералното собрание од 193 члена се одржа откако светската организација свика итна седница во понеделникот на која се расправаше за „незаконските“ референдуми за руската анексија на деловите од источна Украина, како Доњецк, Луганск, Запорожје и Херсон.

Пет земји гласаа против резолуцијата, Русија, Никарагва, Северна Кореја, Белорусија и Сирија, додека 33 земји беа воздржани, меѓу кои Кина и Индија.

Резолуцијата на Генералното собрание на ОН ги повикува сите држави и меѓународни организации да не признаваат каква било промена на статусот на четирите региони во источна Украина и бара Русија веднаш и безусловно да ги поништи своите одлуки.

„Русија ќе одговора. ЕУ ќе застане покрај Украина се додека е потребно“, напиша на Твитер шефот на европската дипломатија, Жозеп Борел, објавувајќи слика од гласовите во Генералното собрание.

Да потсетиме, Владимир Путин ги потпиша законите со кои четири украински региони се ставени во состав на Русија, со што беше завршена анексијата на окупираните територии и покрај меѓународните негодувања.

Ова следеше по референдумите во Доњецк, Луганск, Херсон и Запорожје, кои Украина и Западот ги отфрлија како лажни.

Слични содржини