С.Македонија треба да ѝ врати пари на ЕУ поради злоупотреба на софтвер во Министерството за земјоделство

од Nikola Popovski

Министерот за земјоделство, Љупчо Николовски денеска информира дека има еден случај во неговиот ресор од 2015 година, за кој што има конечна одлука од ревизорите од Брисел. Тој предмет е процесуиран согласно европските правила до Обвинителството за организиран криминал.

Станува збор за проект склучен во 2015 година, за одреден софтвер за Министерството преку ИПА програма, на Европската комисија. Направена е ревизија на Европското биро ОЛАФ. Имаме конечен извештај и Владата го усвои извештајот на предлог на Министерството за финансии и истиот е проследен до останатите институции, согласно сите правила, рече Николовски одговарајќи на новинарско прашање.

Посочениот проект е во вредност 660.000 евра, кои државата сега мора да ги врати.

Трошењето на парите на ЕУ во земјава е под лупа на Европската канцеларија за борба против измами. Во последниве пет години од 36 истраги во земјите од Западен Балкан, половина односно 18 се во Северна Македонија. Амбасадорот на Европската Унија во земјава Дејвид Гир смета дека луѓето кои што ги злоупотребуваат парите на европските даночни обврзници всушност ги мамат и граѓаните на Северна Македонија. Вели дека ако истрагите на ОЛАФ резултираат со сомнеж за криминални активности, тие случаи ќе бидат проследени во Јавното обвинителство.

Слични содржини