САД, Гренланд и „правото на посилниот: „ОН не функционираат, живееме во глобален свет без глобална влада, па оттаму големите сили прават што сакаат“

„САД во Студената војна имаа 17 воени бази на Гренланд, денеска само една“ - вели проф. Нано Ружин за „Локално“ за најавата на Трамп за анексија на островот, кој во голема мера е автономен, но формално е дел од кралството Данска, членка на НАТО

од Nikola Popovski
38 прегледи Фото: Јутјуб/Принтскрин/ДВ

Гренланд е клучен за американската национална безбедност – неколкупати повторената изјава на американскиот претседател Доналд Трамп ги бранува трансатлантските релации меѓу Вашингтон и Копенгхаген, но и со Брисел и исто така и со НАТО. Шефот на Белата куќа не се откажува од идејата за преземање на островот, автономна област на Данска. Данската влада е решително против, а челниците на ЕУ оценуваат дека НАТО ќе престане постои поради внатрешниот конфликт за островот со површина од над два милиони квадратни километри во којшто живеат 60-на илјади жители…

По ова, во светот се поставува прашањето дали меѓународното право е „суспендирано“ и  дали единствениот закон што владее во меѓународните односи денес е правото на посилниот…Според дел од домашните експерти, најголем виновник за рушењето на меѓународното јавно право е унилатерализмот. Професорот и дипломат, Нано Ружин оценува дека практично персонификацијата на меѓународното јавно право – Обединетите нации не функционираат и веќе е јасно поради таквата поставеност живееме во глобален свет без глобална влада, па оттаму големите сили прават што сакаат, па и средните и се повеќе се посочуваат настани од интервенцијата во Ирак, Либија, Сирија, Србија каде што не се почитуваше јавното право, но, како што вели, колку толку постоеја одредени граници кои што на извесен начин беа почитувани.

-Ова сега што се случува со Гренланд и амбициите на Трамп не е нова работа работа во американската политичка историја. Уште во 1823 година (екс-претседателот на САД, Џејмс) Монро смета дека Западната хемисфера претставува безбедносна рамка на САД и затоа таа треба да им се остави на менаџирање на САД. Дури и се понудени средства за да се откупи Гренланд уште од времето на Монро кој што е инспирација на Трамп.

Фото: Принтскрин

Во 1941 година кога Данска потпаѓа под окупација на нацистичка Германија, данскиот амбасадор во САД им нуди да направат воени бази таму и оттогаш почнува нивното воено присуство врз Гренланд кое во време на Студената војна изнесувало изградени 17 воени бази, а денеска е сведено само на една воена база, вели Ружин во разговор за „Локално“.

Според него, сегашната иницијатива на Трамп за исполнување на сопствените цели, ги става во опасност односите во самата Алијанса – би било првпат една држава да се судри со друга држава која беше поддржана од шесте најголеми членки на ЕУ и изразена е солидарност.

-Гренланд има полуавтономски статус во рамките на Данска.  Премиерката на Данска вели дека тоа би било крај на Алијансата. Бидејќи ова во теорија е преседан, никој во НАТО или ЕУ не му паѓа на памет да војува со главниот столб на Алијансата и затоа овој вид на интервенција се смета за невозможна работа. Ќе видиме до што ќе се дојде, но да не заборавиме и дека Трамп согласно неговите бизнис-принципи, има понудено по еден милион долари на секој од 57-те илјади жители на Гренланд за да го придобие островот кој е како половина ЕУ по територија, истакнува професорот.

Зошто САД сака да го присвои Гренланд? Ружин објаснува дека островот е богат со ретки материјали кои што се битни во воената индустрија, како што е ураниумот.

-Има огромни резерви на нафта, гас…Тоа е држава која смета на екологијата и го дупчењето за нафта што е спротивно на тезата на Трамп за копање. Исто така ја забранија експлоатацијата на ураниум бидејќи жителите на некои места истакнаа дека не ги интересира таквото богатство туку пред се, да се заштитат од опасностите, потенцира Ружин.

Фото: Printscreen/Youtube/Sky News

Потпретседателот на САД, Џеј Ди Венс потврди дека Трамп е подготвен да оди „онолку колку што е потребно“ за да ги одбрани американските интересите во врска со Гренланд. Не е исклучена можноста за употреба на воена сила.

„Претседателот на крајот ќе ја донесе конечната одлука, но имаше многу реакции од Европа, а таа не успеа да се соочи со суштинскиот аргумент што го изнесоа претседателот и целата администрација. Гренланд е клучен не само за нашата национална безбедност, туку и за безбедноста на светот. Луѓето не го разбираат тоа. Целата инфраструктура за ракетна одбрана делумно зависи од Гренланд. Ако, не дај Боже, Русите или Кинезите, не велам дека ќе го направат тоа, но доколку во иднина некој лансира нуклеарна ракета кон нашиот континент, или лансира нуклеарна ракета кон Европа, Гренланд е клучен дел од таа ракетна одбрана. Трамп е подготвен да оди онолку што е потребно за да ги брани интересите на Америка“, изјави Венс.

Градоначалничката на Нук, главниот град, ја отфрли идејата дека Гренланд е „предмет што може да се купи“. Во интервју за „CBC news“, ја потенцира вознемиреноста што ја чувствуваат луѓето во Гренланд по првата посета на Трамп на островот.

„Ние продолжуваме со нашиот секојдневен живот, но, ова доведе до одредено чувство на вознемиреност. Нè врати на она што се случи минатата година. Ние веќе го кажавме нашето мислење. Ја одржавме најголемата демонстрација во историјата на Гренланд минатата пролет, каде што силно ги отфрливме Американците и тоа сè уште е ставот на нашите граѓани. Затоа сметаме дека е многу навредливо повторно да бидеме вовлечени во ова. Нашиот свет воопшто не е ист откако авионот на Трамп за првпат слета во Нук“, изјави Аварак Олсен.

„Ние не сме бизнис, ние сме народ со своја земја, култура, јазик. Знам дека Доналд Трамп е бизнисмен, но Гренланд не е производ“, изјави Ниви Росинг, пратеничка од Гренланд.

Лидерите на европски земји се спротивставија на најавите и заканите на Трамп за освојување на арктичка територија која е автономен дел од кралството Данска. Аналитичари сметаат дека заканите на Трамп за Гренланд можат да бидат во корист на Русија и на Кина.

Н.П.