САД испрати предупредување до Емиратите, Хонг Конг, Кина и Оман

Министерството за финансии на САД испрати писмо до Обединетите Арапски Емирати, Хонг Конг, Кина и Оман, предупредувајќи ги за банки под нивна надлежност кои, како што се наведува, овозможувале, поттикнувале и профитирале од незаконски ирански активности

од Кристијан Димков
10 прегледи Фото: Принтскрин/ЈутјубThe Master Investor Podcast with Wilfred Frost

Од овие држави беше побарано да преземат брзи мерки против наведените банки и да ги запрат ваквите дејствија.

Станува збор за најнов потег во низата активности на Министерството за финансии поврзани со Иран, а писмото го објави дипломатската дописничка Елизабет Хагедорн. Во продолжение го пренесуваме писмото во целост:

„Повеќе од 40 години светот се соочува со терор и дестабилизација поттикнати од иранскиот режим. Во тој период, САД ги предводеа глобалните напори за заштита на меѓународниот финансиски систем од иранските злоупотреби со цел спроведување терористички активности на Техеран. Претседателот Трамп успешно спроведе една од најголемите и најсложените воени операции во историјата со цел да ја заштити безбедноста на американскиот народ и да го спречи Иран да дојде до нуклеарно оружје.

И покрај сеопфатните санкции што САД му ги воведоа на Иран, режимот продолжува да го искористува меѓународниот финансиски систем преку параван-компании, паралелно банкарство, измамнички практики и попустливи регулаторни рамки. Во октомври 2025 година, Мрежата за спречување финансиски криминал при Министерството за финансии на САД (FinCEN) ги предупреди финансиските институции за сложените финансиски канали на Иран и ги повика на зголемена внимателност во спречувањето на активностите на режимот.

Како што се наведува во извештајот, Иран во 2024 година обработил најмалку 9 милијарди долари преку кореспондентни сметки во САД, користејќи низа параван-компании, најмногу во Хонг Конг и Обединетите Арапски Емирати, и продолжува да го прави тоа.

Пишувам за да ве предупредам дека Министерството за финансии смета дека дел од овие трансакции, како и дополнителни трансакции по 2024 година, биле обработени од банки под ваша надлежност преку нивните американски кореспондентни банки, во име на директни клиенти поврзани со Иран.

Министерството за финансии ве охрабрува да соработувате со банките во вашата јурисдикција за да се идентификува секоја финансиска активност поврзана со Иран, вклучително и оние преку параван-компании и други методи на избегнување, и веднаш да се прекинат таквите активности поради значителните ризици од незаконско финансирање што ги носат. Овие информации ги споделив и со американските банки кои обезбедуваат кореспондентни услуги, за да можат засилено да ги следат овие трансакции.

САД располагаат со низа овластувања што можат да се применат во случаи на финансиски активности поврзани со Иран. Тоа вклучува мерки за спроведување при прекршување на санкции кои може да опфатат лица од САД; секундарни санкции против странски финансиски институции за одредени активности поврзани со Иран; како и можност за барање засилена длабинска анализа и известување за сите трансакции од одреден обем што се обработуваат преку американскиот финансиски систем.

Дополнително, со оглед на повторното воведување санкции на Обединетите нации против Иран и неговата историја на прикривање зад навидум легитимни активности за спроведување незаконски дејствија, секоја активност со Иран може да вклучи и санкции од ОН.

Сега е моментот конечно да се оневозможи Иран да поддржува тероризам, да го загрозува регионот и глобалните пазари и да продолжи со нуклеарната и балистичката ракетна програма, која е забранета од ОН. Се надевам на вашето брзо дејствување за да се идентификуваат и запрат сите незаконски активности поврзани со Иран и да се избегнат понатамошни мерки од Министерството за финансии.“