САД предупредува на нова војна на Кавказот

од Nikola Popovski

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен информирал мала група конгресмени дека американската влада ја следи можноста Азербејџан наскоро да ја нападне Ерменија, изјавиле два добро упатени извори кои сакале да останат анонимни, објави „Политико“.

Азербејџанскиот претседател Илхам Алиев претходно ја повика Ерменија да отвори „коридор“ долж нејзината јужна граница, со што ќе го поврзе копното на Азербејџан со ексклавата што се граничи со Турција и Иран, и се закани дека ќе го реши проблемот „со сила“.

Во телефонскиот разговор на 3 октомври, конгресмените го притиснале Блинкен за можна акција против Алиев како одговор на инвазијата на Азербејџан во регионот Нагорно-Карабах во септември, велат изворите, објави Политико.

Блинкен одговорил дека Стејт департментот бара начини да го повика Азербејџан на одговорност и дека САД не планираат да го обноват договорот што дозволува испраќање воена помош во Баку.

Блинкен исткнал дека постои можност Азербејџан да ја нападне јужна Ерменија во наредните недели.

Сепак, Блинкен изразил уверување дека тековните дипломатски разговори меѓу Ерменија и Азербејџан ќе дадат резултати, наведуваат изворите, пренесува „Nezavisne“.

Тој разговарал со демократските конгресмени, вклучувајќи ги Ненси Пелоси и Ана Еше од Калифорнија и Френк Палоне од Њу Џерси.

Откако Азербејџан го нападнал регионот Нагорно-Карабах минатиот месец, повеќе од 100.000 етнички Ерменци го напуштиле регионот.

Локалните лидери се согласиле да ја распуштат својата тридецениска непризнаена држава, а азербејџанските сили оттогаш уапсиле десетици поранешни водачи.

Нагорно-Карабах не е единствениот територијален спор меѓу двете земји, Азербејџан и Ерменија, а Баку предложил да се воспостави пат до ексклавата Нахичеван што ќе го пресече јужниот ерменски регион Сјуник и ќе овозможи патниот сообраќај да го заобиколи Иран.

Алиев истакнал дека Азербејџан ќе го воспостави коридорот Зангезур, „без разлика дали го прифаќа тоа Ерменија“.

Слични содржини