САД воведе санкции за Вулин, го обвинија за организиран криминал и трговија со наркотици

од Vladimir Zorba
554 прегледи

ДИРЕКТОРОТ на српската разузнавачка агенција (БИА) и близок соработник на српскиот претседател Александар Вучиќ, Александар Вулин, се најде под американски санкции.

Имено, САД го обвинуваат за вмешаност во организиран криминал и трговија со наркотици, дека злоупотребувајќи ја својата јавна функција му помогнал на трговецот со оружје Слободан Тешиќ за неговите илегални пратки оружје да можат слободно да се движат низ границите на Србија и дека на Русија и обезбедил „платформа за натамошно, малигно влијание врз регионот“.

Канцеларијата за контрола на странски средства на Министерството за финансии на САД објави дека вовела санкции за државјанин на Србија во согласност со Извршниот налог (ЕО) 14033. Според соопштението, Александар Вулин е вклучен во транснационален организиран криминал, илегални операции со наркотици и злоупотреба на јавна функција.

Се додава дека Вулин одржувал „взаемно корисни односи со српскиот трговец со оружје Слободан Тешиќ“.

Се вели дека Вулин ги користел своите позиции за лична корист и ги користел своите јавни позиции за да ја поддржи Русија, олеснувајќи ги руските малигни активности кои ја деградираат безбедноста и стабилноста на Западен Балкан и обезбедувајќи и на Русија платформа за дополнително влијание на регионот.

Вулин сега е директор на БИА, а претходно беше министер за одбрана и министер за внатрешни работи.

„Денешната одлука го смета Александар Вулин одговорен за неговите коруптивни и дестабилизирачки дејствија кои исто така ги овозможија злонамерните активности на Русија во регионот“, изјави Брајан Е. Нелсон од Министерството за финансии.

Како дел од санкциите, средствата што може да ги има Вулин во САД се замрзнати и се забранува на граѓаните на САД, на американските компании и институции, како и на банките кои работат во САД, да вршат трансакции поврзани со Вулин.

Слични содржини