„Сакаме да бидеме дел од Русија“, порака на поединци во Молдавија кои протестираат

од Stefanija Kuzmanovska

Под високата зграда на парламентот во Молдавија, демонстрираа илјадници луѓе од целата земја, секој со лична приказна за сиромаштија и фрустрација.

„Владата ни се потсмева, ние ѝ служиме за потсмев“, навеле некои од присутните.

Со сина волнена капа на себе, Ала ми приоѓа со широко, бледо лице и ми вели: „Има луѓе со четири или пет деца кои буквално немаат што да јадат“, пренесува Би-Би-Си.

Според официјалните податоци, 70 отсто од приходите на домаќинствата се трошат само за сметки за струја.

Ала навела дека сметките ѝ „јадат“ половина од пензијата.

„Оваа влада вети дека ќе ги зголеми платите и пензиите, но досега не сме виделе ни динар“, вели таа.

Неделните протести, организирани од молдавската проруска партија Сор, будно ги следат владите низ Европа и пошироко.

Повеќето од демонстрантите допатувале до главниот град Кишињев со автобуси, а нивните трошоци наводно биле покриени од партијата Сор.

Неколку дена пред собирот, претседателката Маја Санду предупредила дека Русија планира да испрати воено обучени саботери во земјата, преправени како цивили, за да ја соборат нејзината прозападна влада.

Русија рече дека обвинението е обид на молдавските власти да го одвлечат вниманието од нивните сопствени социјални и економски неуспеси.

Молдавија, која граничи со Украина и има свој проруски отцепен регион, зависи од рускиот гас.

Минатата година. Москва го преполови снабдувањето со гас на Молдавија, вршејќи притисок врз владата во Кишињев, бидејќи се обидува да ги задржи заедно романското и рускојазичното население.

Протестите поради поскапувањето на гасот и струјата почнаа минатата есен.

Претседателката Санду минатата недела рече дека Русија веќе се обидела да ја дестабилизира ситуацијата во Молдавија со предизвикување енергетска криза, која според неа „се очекува да предизвика големо незадоволство кај населението и да доведе до насилни протести“.

Сега планот, вели молдавскиот претседател, вклучува „обучени саботери […] кои би преземале насилни акции, ќе напаѓаат згради на државни институции или дури и ќе земаат заложници“.

На група од 57 луѓе од нациите пријателски настроени кон Русија, вклучително и група навивачи на фудбал од Србија и неколку боксери од Црна Гора, не им беше дозволен влез во Молдавија во последните неколку дена, по проверките на безбедносните служби.

И воздушниот простор на Молдавија беше неочекувано затворен неколку часа оваа недела.

„Многу е јасно дека Русија е држава агресор“, изјави за Би-Би-Си, Росијан Василој, шеф на граничната полиција на Молдавија.

Тој вели дека заканата постои од 24 февруари, кога почна војната во Украина, но нагласи дека „сега е поинаку; тоа е мешавина на закани од внатре и надвор од Молдавија“.

Сè додека Украина продолжува да се бори и да ја добива војната, тој верува дека ризиците за Молдавија се помали.

„Ако Украина падне, Молдавија е следната, но јас не се плашам“, рече тој.

Од почетокот на војната, властите се обидуваат да ги диверзифицираат енергетските извори на земјата и да се одвикнат од зависноста од рускиот гас, но сè беше попречено од руските напади врз енергетската инфраструктура на Украина и увозот на струја од Романија по високи цени.

Претседателката Маја Санду рече дека наводниот руски заговор ќе се потпира на „внатрешни сили“ како што е опозициската партија Сор, и го повика парламентот да донесе построги безбедносни закони.

Марина Таубер, генерален секретар на Сор, која го предводеше протестот пред парламентот, вели дека нејзината партија не е против Европската унија и сака добри односи со сите партии.

Но, има и такви во нејзината партија кои признаваат дека би ја поздравиле руската интервенција.

Орхеи, на еден час возење северно од главниот град Кишињев, е упориште на партијата Сор, каде новинари од Би-Би-Си се сретнале со партискиот советник Јуриј Беренци.

„Не се плашиме“, навел тој, „бидејќи ако Русија сакаше да ја окупира Молдавија, тоа ќе го направеше за половина ден“.

На прашањето дали би го поздравил тоа, Беренци е недвосмислен.

„Според мое лично мислење, да“, рече тој.

„Ќе ни биде многу подобро со Русија отколку сега.

Многу луѓе во Кишињев гледаат поблиски врски со Западот како начин да се обезбеди независност и демократија на Молдавија во критично време.

Партијата на претседателката Санду има солидно мнозинство во парламентот.

Но, масата народ собрана пред парламентот во недела има поинаков став и затоа постои ризик притисокот да ги прошири поделбите во Молдавија.

Ризикот е јасен кога Ала и нејзините пријатели ќе бидат прашани дали веруваат дека Русија сака да се инфилтрира во Молдавија, како што се плаши нивната претседателка.

„Да, нека дојдат!“, одговараат тие.

„Сакаме да дојдат овде. Сакаме да бидеме дел од Русија!“.

Слични содржини