Самитот на Г7 усвојува Декларација за спречување на нови пандемии

од Stefanija Kuzmanovska

Лидерите на Групата седум (Г7) планираат денес да се обврзат да ги искористат сите свои ресурси за да се осигурат дека ситуацијата предизвикана во светот од пандемија како Ковид 19 никогаш повеќе нема да се повтори.

На вториот ден од самитот во Корнвол, тие ќе потпишат декларација во која се наведени мерките потребни за да се постигне ова, а првата цел е да се намали времето потребно за развој на вакцини на помалку од 100 дена.

Лидерите на Г7 ќе ја објават „Декларацијата на заливот Карбис“ по специјалниот состанок денес, на кој ќе се воспостави план за спречување на какво било повторување на човечки и економски загуби предизвикани од ковид 19.

Декларацијата на Г7 треба да предвиди низа конкретни чекори, кои вклучуваат намалување на времето потребно за развој и лиценцирање на вакцини, третмани и дијагностика за какво било идно заболување на помалку од 100 дена, зајакнување на глобалните мрежи за надзор и капацитетот за геномско секвенционирање и поддршка на реформите и зајакнување на Светската здравствена организација (СЗО).

Декларацијата исто така се очекува да содржи препораки од извештаите на група меѓународни експерти од различни економски области, владата и научните институции.

На денешната сесија ќе учествуваат и генералниот секретар на ООН, Антонио Гутереш и директорот на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус.

Британскиот премиер Борис Џонсон, кој вчера го отвори тридневниот Самит на Г7 со барање за борба против глобалната нееднаквост, вети дека неговата земја ќе донира повеќе од 100 милиони вакцини против ковид на посиромашните земји во следната година, јави „Танјуг“.

Слични содржини