Само еден случај на омикрон, надлежните уверуваат дека состојбата е стабилна

од Берта Китинска
192 прегледи

Дополнителни мерки за новогодишните празници нема да има, надлежните посочуваат дека ситуацијата со вирусот во земјава е стабилна.

Досега во државата е потврден само еден случај на омикрон, соопшти синоќа Министерството за здравство, кое ја демантираше веста за нов потврден случај на овој сој на корона вирусот во Струга.

– Со секвенционирање на вирусот SarsCoV2 досега сојот омикрон е детектиран само кај еден пациент кој во државата пред извесно време се вратил од Велика Британија, соопшти синоќа Министерството за здравство, посочувајќи дека утврдување на присуство на сој на корона вирусот се врши единствено и исклучиво со секвенционирање, додека ПЦР тестирањето може да биде само индикација, но не и потврда дека пациент е заразен со сојот омикрон на Ковид-19.

Досега на ПЦР тестови кај тројца пациенти позитивни на Ковид-19 е детектиран S-gene dropout, но нема извршено секвенционирање, односно нема потврда дека се заразени со омикрон. Тестирањата им се направени во приватна болница, а станува збор за пациенти од Прилеп, Велес и Струга. На пациентите им е направена епидемиолошка анкета и согласно протоколите во изолација се ставени лицата со кои биле во контакт, се додава во соопштението.

Министерството за здравство воедно апелира од воздржување и давање паушални изјави и непроверени информации, кои ги доведуваат граѓаните во заблуда и шират паника меѓу населението.

Досега во земјата се направени вкупно 1.591.522 тестирања на КОВИД-19. Вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 224.507, бројот на оздравени пациенти е 211.548, на починати е 7.953, а бројот на активни случаи изнесува 5.006.

Слични содржини