Сашко Јанчев од Левица: Новите законски измени го загрозуваат македонското шумство

од Даниел Ѓорѓиевски
26 прегледи

Пратеникот од Левица, Сашко Јанчев, денес на седницата на Комисијата за земјоделство, шумарство и водостопанство истакна сериозни загрижености во однос на предложените законски измени кои, како што тврди, ќе дозволат инвеститорите да сечат македонски шуми без контрола од страна на државата.

„Овие измени не се ситни, туку крупни и опасни за заштитата на нашите шуми. Со нив се отстрануваат сите контроли и механизми кои досега обезбедуваа заштита на шумскиот фонд“, рече Јанчев.

Според сегашното законодавство, сечење на дрвна маса за инфраструктурни проекти од јавен интерес може да врши само ЈП „Македонски шуми“ или правни лица со соодветна лиценца и согласност. Сепак, новите измени предвидуваат дека инвеститорите можат да сечат дрва без лиценца и согласност, со само обично известување.

„Ова значи дека инвеститорите ќе можат да се појават и да кажат ‘јас сега сечам’, без да има било каква контрола од државата. Ова се крајно лоши решенија!“, нагласи Јанчев.

Тој додаде дека во услови на забележани штети од шумски пожари и деградација на шумите, носењето на ваков закон е неодговорно и штетно.

„Откако сме имале толку уништени шуми, сега да донесеме ваков закон е надвор од памет“, заклучи Јанчев.

Седницата продолжува со дискусии за предложените законски измени, а останува да се види каква ќе биде реакцијата од страна на останатите пратеници и јавноста.

Слични содржини