Сасоли од Тирана: Албанија и Република Северна Македонија заслужуваат отворање преговори со ЕУ

од Aleksandar Petrovski
284 прегледи

Албанија и Република Северна Македонија заслужуваат почеток на преговори со ЕУ. Процесот за членство треба да започне. Кажаното „не“ на преговорите е разочарување и за граѓанското општество и за нас.

Ова е јасната порака која од Тирана ја упати претседателот на Европскиот парламент, Давид Сасоли, од заедничката прес конференција со албанскиот премиер Еди Рама.

-Се случи еден застој пред крајот на годината, но процесот на пристапување треба да започне. Парламентот, ЕК и многу земји-членки се убедени. Јас сум убеден дека е само едно задоцнување. Вие го знаете разочарувањето што граѓанското општество го чувствува исто како и ние и мора да го надминеме. Ние мора да ги убедиме сите да започнат преговори. Ставот на некои влади беше да ја разгледаат методологијата на процесот на членство,изјави меѓу другото Сасоли.

Посочи дека со премиерот Рама разговарале и за банкарскиот систем, за безбедносни прашања, кои се,како што рече, вообичаени прашања за сите,секако и за катастрофалниот земјотрес во Албанија,за што „ЕУ покажа подготвеност да помогне“.

И Рама со идентичен став, дека почетокот на преговори двете земји го заслужуваат, но „доколку се каже не тоа нема врска со нас“.

-Господинот Сасоли вложи напори да го зајакне имиџот на Албанија. Разговаравме отворено, тој е добар пријател на Албанија и Албанците. Сасоли ги искажа своите мислења и критики за тоа што направивме и што треба да направиме. Во фокусот на нашите разговори беше процесот на започнување преговори,рече Рама.

Искажа задоволство што посетата на претседателот на ЕП се совпаѓа со почетокот на активноста на терен на специјалната единица на државната полиција ОФЛ (Операција на владеење на законот),која треба да даде силен удар врз организираниот криминал,заедно со неодамна формираното Специјално обвинителство.

Првиот човек на ЕП попладнево ќе се сретне со спикерот на парламентот Грамоз Ручи и со координаторите на пратеничките групи,а во 15:15 часот ќе се обрати пред пратениците во албанскиот законодавен дом. Во 16:00 часот планирана е средба со шефот на државата Илир Мета.

Утре претпладне Сасоли ќе се сретне со Љуљзим Баша, лидер на Демократска партија и Моника Круемади на Социјалистичкото движење за интеграција.

Слични содржини