Савески: Македонија избира да биде на страната на оној што е моќен

од Даниел Ѓорѓиевски
266 прегледи

Власта на Трамп не е различна од останатите. Разликата е само во тактиката и во бескрупулозноста со која се искажуваат намерите, и за разлика од претходните власти кои се трудеа, барем со неколку смоквини листа, да го скријат стремежот за глобална доминација, потенцира во изјава за Локално политикологот д-р Здравко Савески.

,,Стремежот на сите досегашни влади во САД е да имаат империјален примат во светот. Во тој поглед, власта на Трамп не е различна од останатите. Разликата е само во тактиката и во бескрупулозноста со која се искажуваат намерите. За разлика од претходните власти кои се трудеа, барем со неколку смоквини листа, да го скријат стремежот за глобална доминација. Од гледна точка на таквиот стремеж на американската владејачка класа, продолжувањето на војната во Украина се покажа дека ја ослабува американската моќ. Се обидоа да ја обезмоќат Русија како голема сила од прв ред. Се покажа дека е направена грешка во калкулацијата. Па, од нивна точка логично, ја менуваат тактиката. Тоа е она што се прави моментално. За Украина не им било гајле ниту кога го хлавоспеваа Зеленски ниту сега кога го понижуваат” нагласува Савевски.

Савески смета дека Трамп воопшто не се грижи за состојбите надвор од американските граници, вклучително и во Европа и Украина.

,,Како националист или како ултранационалист, Трамп воопшто не се грижи за било што надвор од американските граници, настрана од прашањето што тоа значи за американската империјална моќ. Тоа се однесува и на Европа. Едноставно не му е гајле каков ефект ќе има разврската на војната во Украина врз Европа. Го интересира само ефектот на разврската врз американската империјална моќ. Важно е тука да се нагласи, не ефектот врз обичниот американски народ, туку ефектот врз американската империјална моќ. Промената во империјалната тактика што ја донесе Трамп е што тој е подготвен да ги пушти низ вода дури и своите долгогодишни сојузници ако тоа смета дека е корисно од гледна точка на сопствените империјални намери. ЕУ ужива американска воена заштита, а од друга страна ужива и позитивен трговски биланс со САД. Тоа за Трамп е недозволиво и целосно е подготвен, ако не му се удоволи, да ги пушти низ вода,, изјави Савески.

На прашњето дали Трамп ја поддржува Русија, Савески смета дека поддршката за Путин и Русија е само империјалистички обид со кој Америка сака да ја придобие Русија на своја страна во Судирот со Кина.

,,Трамп не ја поддржува Русија. Трамп игра империјална игра во која се обидува да ја доведе Русија на своја страна во судирот со Кина. Оттаму е привидот дека Трамп ја поддржувал Русија. Русија нема моќ да ја доминира Европа. Таа теза е само изветвена  милитаристичка пропаганда и плашење со бабароги што се создава во контекст на непринципиелната политика според која агресијата на Русија врз Украина е страшна, но агресијата на Израел врз Палестина, Либан и Сирија може слободно да се игнорира. Руската воена машина веќе три години се мачи во Украина за секој град, па дури и за секое село. Секој здраворазумен човек од тоа може да заклучи дека штом руската воена машина толку се мачи во Источна Украина, секаква пропаганда дека Русија после Украина ќе ја нападнела Европа се прикаски за мали деца” изјави Савески.

Савески смета дека војната во Украина  и предизвикува поголема штета на Европа отколку на Америка, но и дека земјите од најстариот континет се поделени во ставовите во врска со војната помеѓу Русија и Украина.

“Не даваат сите европски лидери апсолутна поддршка на Украина. Оние што така постапуваат, тоа го прават во шокантно ниво на идеолошка заслепеност, која е толку енормна што се чини дека некои од нив се подготвени и три вреќи сол да изедат само да биде по нивно. И таа идеолошка заслепеност ги спречува да видат дека војната во Украина ѝ нанесува далеку поголема штета на Европа отколку на Америка. Но и покрај тоа продолжуваат со старата тактика. Шокантно ниво на идеолошка заслепеност. Што се однесува до пријателството со Украина, она што е исклучително важно да се има предвид е концептот на мечкина услуга. Ако вашиот пријател сака да се фрли в река, вие сте негов пријател ако го спречите, а не ако го поддржите. Ако вашиот пријател заглавил во казино, вие сте негов пријател ако го одвратите од тоа дополнително да заглави, а не ако го поттикнувате да продолжи да ги губи парите. Страшно е она што им се случува на луѓето во Украина. Исто како што е страшно она што им се случува на луѓето во Газа. Но, секое одложување на мирот ќе доведе до дополнителни страдања за народот во Украина, а ќе биде лошо и од гледна точка на интересите на украинската држава. Тоа треба да ѝ го кажат пријателите на Украина на украинската владејачка класа. А мирот? За мир требаше да се работи од 2022, а не од 2025 година,, потенцира Савески.

Здравко Савески

Здравко Савески

На прашањето каде Македонија треба да се позиционира и дали нашата дипломатија, а воедно и економија има капацитет воопшто да избира страна и какви последици треба да се очекуваат за Западен Балкан, Савески смета дека денес Македонската дипломатија избира да биде на страната на помоќниот на сметка на правдата.

“Македонските влади, од првата до последната, водат вазалска, а не принципиелна надворешна политика. Сакаме да се чукаме во гради дека во Народноослободителната војна наши луѓе му се спротивставиле на фашизмот, иако тој тогаш ја покори цела Европа, ама денес избираме да бидеме на страната на оној што е моќен, а не на страната на правдата. Македонските влади, од првата до последната, во исклучително високо ниво се водат од „принципот“ дека големите држави во империјалниот систем се однесуваат како гангстери, а малите држави – како проститутки. Па, не им е срам, на пример, Македонија да биде во редот на малцинството држави што не ја признаваат Палестина, или збор да не кажат за осуда на геноцидот во Газа. Она што дополнително го зголемува маневарскиот простор на македонските влади да водат вазалска, па и проституирачка надворешна политика е што тоа ужива поддршка од голем дел од луѓето тука. „Мала држава сме“, „од нас ништо не зависи“, „треба да ја држиме страната на силните“. Од вакви позиции не може да се критикува вазалската политика. Напротив, тие позиции неа ја легитимираат и ѝ дават ветер во грб. Само, внимавајте, ако удоволувањето на Трамповиот империјализам доведе до зголемување на воените буџети на членките во НАТО, не само народот во Британија, Франција и Германија, туку и народот во Македонија ќе се соочи со фактот дека се укинуваат социјални, еколошки, здравствени програми за да се фрлаат пари на оружје. Тогаш вазалството на македонските влади нема да биде баш пријатно,, изјави Савески.

 

 

Слични содржини