СДСМ бара „херој“ кој ќе ја извади од „калта“: „Мора да се врати идеологијата на партијата, многумина го злоупотребија кредитот“

од Nikola Popovski
1,7K прегледи

СДСМ бара личност која ќе ја извади партијата од тешката ситуација. Тројца високи партиски фунционери во имињата на Венко Филипче, Славјанка Петровска и Јован Деспотовски поднесоа кандидатури за прв човек на партијата од „Бихаќка“. Сите согласни дека на партијата ѝ требаат коренити реформи. Деспотовски ветува „нов почеток и нов СДСМ“ со логото „ружа“ и најавува „Влада во сенка“, Петровска атакува на победа со Манифест со пет приоритети, додека Филипче тврди дека ниту еден член на СДСМ нема да биде оставен настрана, неислушан и непочитуван. Кандидатура поднел и Златко Ристовски, партиски активист од Битола. Во исчекување на утрешниот последен ден од крајниот рок за поднесување кандидатури, се поставува прашањето колку од овие четворица „нови клинци“ еден може да стане „јунак“ кој ќе ја извади партијата од „калта“, ако се земе во предвид дека партијата во минатото имаше „тешкаши“ во имињата на поранешните шефови Бранко Црвенковски, Владо Бучковски, Радмила Шекеринска…

Кој ќе биде „јунакот“ во СДСМ?

Дел од јавноста со особено внимание на развојот на настаните во партијата. Според еден од основачите на СДСМ и поранешен министер, Ѓунер Исмаил, споредбите на моменталните кадри со „тешкашите“ би биле неумесни, непотребни и непродуктивни. Во разговор за „Локално“ вели дека станува збор за луѓе во друго време, со други задачи и предизвици.

Ѓунер Исмаил

-Ова е друго време со други задачи. За претходниците би можеле да кажеме дека биле „тешкаши“, но за овие луѓе знаеме само дека биле министри итн. Не е можна споредбата и различни ситуации се. Од ова што го видовме досега од именуваните кандидати, станува збор за луѓе кои сакаат да менуваат и тоа не може да им се одрекне како мотив. Станува збор за различни програми, иако има допирни точки меѓу нив. СДСМ е демократска партија и разликите во програмите покажува дека партијата е демократска, колку и тоа на поширокиот дел од јавноста им изгледа необично и дека е некакво симулирање на демократија, истакнува Исмаил.

Според него, двајца од тројцата кандидати одат директно на партиското членство. Тврди дека Филипче повикува на обединување, застанување рамо и рамо, ветува дека секој ќе биде ислушан и испочитуван. Деспотовски исто така инсистира на новиот почеток на истата партија која што ќе се потпира на членството што се „тавтологии“.

-Петровска оди малку подалеку и поаѓа од тоа дека СДСМ во изминатите седум години беше изложен на нужност да склучи стотици компромиси преку кои успеавме да се ослободиме од диктатура со пенкало. Исто така успеаја со едно минијатурно мнозинство од 1-2 пратеници плус да ја одржат Владата и владеењето на СДСМ. Таа низа на компримиси и тешко одржување на мнозинството во Парламентот се одрази на губење на идеолошкиот компас на партијата. Кога ќе го изгубите идеолошкиот компас, ако сте политичка организација, брзо го губите и моралниот компас, со што се соочи нашето граѓанство. Заради тоа се случи тоа што се случи на изборите и се наоѓа на ова ниво на кое е денеска. Петровска според исказите во јавноста, кажува дека фактички ќе се вратиме на корените на социјалдемократијата и ќе го обнови идеолошкиот компас и се она што се нарекува морален компас на партијата. Во програмата на Петровска ќе ги најдеме деловите од програмите на другите кандидати и ќе видиме што ќе имаме на располагање. Потребен е одговор на прашањата за нужноста од обнова на идеолошкиот компас, што е социјалдемократијата, треба ли, не треба ли, какви ќе бидат луѓето кои ќе ја водат партијата…, оценува поранешниот министер за култура.

Исмаил е дециден дека партијата од 2017 година стана мета на сите користољубиви и на луѓе кои што го преферираат личниот интерес преку партиски ангажман.

-За жал на партијата ѝ се протнаа кадровски решенија од луѓе кои во партијата дошле од личен интерес и исполнување на лични желби. Беше злоупотребуван кредитот на партијата која им го даде. Дали идниот победник ќе ги има покрај себе и останатите кандидати – не би можел со сигурност да кажам, иако би го посакувал тоа. Од партијата ќе отпаднат сите тие кои што во партија во опозиција не гледаат никаков личен интерес. Некои веќе заминаа, но уште некои ќе заминат. Таквите се наоѓаат на пазар, сите бои убаво им стојат и нивната омилена боја е „бенетоновата“, анализира поранешниот носител на разни функции во СДСМ.

Претстојните ќе бидат трети внатрепартиски избори на кои претседателот на СДСМ ќе се бира со непосредно гласање на членството. По нивното воведување, првите се одржаа во март 2021 кога Заев доби нов мандат. Меѓутоа, за помалку од една година следуваа и вторите на кои победи Ковачевски откако Заев поднесе оставка по поразот на локалните избори во октомври 2021 година.

Подготовките за изборите закажани за 30 јуни веќе започнаа. Според најавите, Централниот одбор на СДСМ в четврток (30 мај) треба да усвои правилник за критериумите, начинот и роковникот за спроведување на гласањето што ќе го организира партиската Централна изборна комисија.

Н.П.

Слични содржини