Сите надлежни институции, на централно и локално ниво се активни за справување со пожарите, приведени се и осомничени лица за подметнување пожари, соопштија од владеачката СДСМ, како реакција на прес-конференцијата на Владо Мисајловски од ВМРО-ДПМНЕ.
Според нив, владата е во постојано заседание, министри се на терен секојдневно, државата, институциите се тука за граѓание, системот функционира.
-Во ВМРО-ДПМНЕ треба да одговорат каде е политичкиот пироман Христијан Мицкоски? Дали е на одмор во Црна Гора или во некоја друга земја?, прашуваат од СДСМ.
Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Владо Мисајловски денес на прес-конференција изјави дека партијата целосно е посветена и се става на располагање пред потребите на граѓаните, на пожарникарите, на располагање на сите институции, за се што е потребно. Не е време за политиканство.
-Додека власта е на одмор, додека Македонија гори, народот и пожарникарите се хероите коишто ќе ја спасат оваа држава. Едноставно затаи системот на заштита, бидејќи доколку имаше навремена системска реакција, пожарите немаше да ескалираат. И три дена нема ни трага ни глас од Заев, рече Мисајловски.