СДСМ е победник во македонските општини, како и во пет изборни единици

од Vladimir Zorba

Според првичните резултати од парламентарните избори забележителна е победата на СДСМ во голем број општини. Нивната победа е изразена во општините со доминантни македонски гласачи. Ова е потврда дека и Македонците се определиле за понудата на СДСМ која значи европска, демократска и просперитетна иднина за државата.


 
Во скопската општина Центар СДСМ има водство пред ВМРО-ДПМНЕ од 4.400 гласа, во Карпош 2.800, во Кумановo предноста е 3.500 гласа, Крива Паланка со 2.500, во Битола СДСМ води со над 1.000 гласа, Струмица со 3.700. Предност има и во Крушево, Кочани, Берово, Радовиш, Валандово, Богданци и уште многу други општини.
 
Покрај овие, кои се со доминантно македонско население, СДСМ оствари победа пред ВМРО ДПМНЕ и во мултиетнички општини, во Тетово разликата е 2.000 гласа, во Гостивар 750, Теарце 1.000, Боговиње 1.500, Врапчиште 1.200. Овие резултати потврдуваат дека предизборната коалиција со БЕСА е валоризирана затоа што СДСМ се залага за мултиетничка држава со почитување на правата на сите граѓани.
 
Со овие остварени резултати СДСМ има најголем коалиционен капацитет. Извесно е дека лидерот на партијата, Зоран Заев ќе биде новиот мандатар и дека тој прв ќе има шанса да состави владино мнозинство.
 
Покрај поедини општини, СДСМ победи и во пет изборни единици, а со мала разлика загуби од ВМРО-ДПМНЕ во третата, но таму има шанси и двете партии да имаат по 10 пратеници, што значи во бројот на мандати да се изедначени, со мала предност на ВМРО-ДПМНЕ во однос на бројот на гласови.
 
Во останатите изборни единици СДСМ однесе победа и практично таму ја направи предноста од неколку пратеници, дали ќе бидат два или три допрва ќе се знае откако ДИК ќе соопшти официјални резултати. СДСМ има поголема доверба во првата, втората, четвртата, петтата и шестата изборна единица.
 
Ако се следат резултатите според изборни единици тогаш е јасно дека за СДСМ гласале гласачи од сите етнички заедници, каква што и беше коалицијата „Можеме“. Граѓаните од сите региони се чини одбраа опција со просперитетна програма и дека поголем дел од нив ги поддржуваат политиките за евроитеграции, но и плановите за зајакнување на економијата, кои што ги ветува партијата на Заев.
 
Од преброени гласови во 2.277 од вкупно 3.480 гласачки места, Коалицијата предводена од СДСМ „Можеме“ води со освоени 36,78 отсто од гласовите пред Коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ со 35,75 отсто, покажуваат првичните податоци на ДИК. За Демократската унија за интеграција (ДУИ) гласале 10, 31 отсто, за Алијанса на Албанците и Алтернатива 8,13, за Левица 4,16, за Интегра 1,38, за Демократската партија на Албанците (ДПА) 1,33, а другите партии и коалиции учесници на изборите имаат под 0,4 отсто

Слични содржини