СДСМ: Градоначалници на ВМРО фатени со рацете во медот – машина купена за 40.000 евра повисока цена од реалната

од Nikola Popovski

СДСМ денеска продолжи со обвинувањата со документи кои според партијата покажуваат како општина Битола и општина Велес, раководени од кадри на ВМРО-ДПМНЕ набавиле по една машина за бележење хоризонтална сигнализација, „а не две како што лажеше ДПМНЕ“.

-Во спецификацијата јасно е наведено дека Општина Битола набавила машина за бележење хоризонтална сигнализација за речиси 50.000 евра, иако таква машина може да се купи за 2-3 илјади евра. Разликата во цената е дури 47.000 евра. Иста таква машина, од истата фирма набавила и општина Велес, по астрономска сума од 42.000 евра. Цена за 40.000 евра повисока од реалната, порачуваат од СДСМ.

Додаваат дека „градоначалници на ДПМНЕ се фатени со рацете во медот“.

-Наместо да се обидуваат да ја манипулираат јавноста, од ДПМНЕ да кажат во чии џебови завршиле астрономските разлики, соопшти СДСМ.

-Набавката на машините за бележење на хоризонтална сигнализација во општините Битола и Велес е според сите законски норми и прописи. Машините се произведени од најреномираната фирма во областа GRACO од САД, и истите се најдобри во својата област, реагираа од ВМРО-ДПМНЕ.

Оттаму велат дека е дезинформација оти за 2.950.000 денари е набавена една машина. Вистината е дека се набавени две машини.

Општина Велес веќе претходно објави дека набавила машина за бележење на хоризонтална сообраќајна сигнализација, на патишта во велешко. Вредноста на машината е 2,6 милиони денари.

-Безбедноста на сите учесници во сообраќајот е на прво место, поради што Општина Велес набави машина за одбележување на хоризонталната патна сигнализација. Редовното одбележување на улиците е неопходно, затоа оваа машина ќе биде предадена на користење на ЈКП Дервен, од каде што во координација со стручните служби од Општината навремено ќе се вршат активностите за бележење, соопштија од локалната власт на 9-ти јануари. На последната седница на Советот на Општина Велес, при крајот на 2023 година, донесена е одлука машината да биде предадена на користење и употреба  на ЈКП Дервен.

Слични содржини