СДСМ ја потврди кандидатурата на Пендаровски – вкупно седуммина во трката за шеф на државата

од Nikola Popovski
539 прегледи

Владеачката СДСМ синоќа ја поддржа кандидатурата на претседателот Стево Пендаровски, за втор претседателски мандат.

„Во победничка атмосфера и едногласно, на 27. конгрес, СДСМ го избра победничкиот кандидат за претседател Стево Пендаровски, вистинскиот претседател за сите граѓани. Кандидат кој споделува прогресивни вредности, со јасна визија за европската иднина на земјата“, напиша на Фејсбук, лидерот на СДСМ и поранешен премиер Димитар Ковачевски.

Како што истакна, со двојна победа на претстојните претседателски и парламентарни избори, СДСМ ќе има претседател и влада со која оваа земја до 2030 година ќе биде горда членка на ЕУ.

Ковачевски, претходно на конгресот, оцени дека на граѓаните не им треба претседател кој ќе ја кочи, туку претседател како Пендаровски – со јасна европска визија, кој ќе турка напред на вистинскиот пат.

„Во актуелниот мандат покажа што значи да се биде претседател за сите. За време на неговиот мандат земјата стана членка на НАТО, сега во вториот мандат ќе стане членка на ЕУ“, порача Ковачевски.

Тој посочи дека вчера биле собрани над 20.000 потписи за кандидатурата на Пендаровски.

Пендаровски во петокот најавувајќи ја својата „граѓанска кандидатура“ за вториот претседателски мандат, рече дека очекува поддршката за неговата кандидатура в недела, на 3 март, да ја официјализира владејачката СДСМ и оти очекува поддршка од сите етнички заедници на изборите.

Потписи од граѓаните за кандидатура за претседател вчера собра и кандидатката на опозициската ВМРО ДПМНЕ Гордана Силјановска-Давкова, која во саботата на партиската конвенција и формално беше поддржана во трката за шеф на државата.

Лидерот на најголемата опозициска партија, Христијан Мицкоски, соопшти дека кандидатот на ВМРО ДПМНЕ за претседател ги собрал потребните потписи.

„Од делот што го добивме некаде околу 12 часот, можеме да заклучиме дека дотогаш се собрани повеќе од 15.000 потписи за поддршка на идната претседателка, професорката Гордана Силјановска-Давкова“, изјави Мицкоски пред новинарите.

На претседателските избори пред пет години, Пендаровски беше заеднички кандидат на владејачката коалиција СДСМ и ДУИ, а во вториот круг ја победи токму Силјановска-Давкова.

Пред Пендаровски и Силјановска-Давкова, уште пет други кандидати на претстојните претседателски избори ги собраа потребните 10.000 потписи за поднесување на својата кандидатура до ДИК, кои се собираат до 8 март на полноќ.

Потписите претходно ги собраа кандидатот на ДУИ и министерот за надворешни работи, Бујар Османи, градоначалникот на Гостивар, Арбен Таравари кој е кандидат на опозициската коалиција „Вреди“, градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски – лидерот и кандидатот на партијата „Знам – за нашата Македонија“, градоначалникот на скопската општина Карпош и лидер на „Гром“ Стевчо Јакимовски и кандидатот на Левица, Билјана Ванковска.

Првиот круг од претседателските избори ќе се одржи во среда на 24 април, а вториот во среда на 8 мај заедно со парламентарните избори.

Слични содржини