ВМРО-ДПМНЕ не престанува да ја политизира трагедијата и да ја злоупотребува несреќата на семејствата на починатите во тетовската модуларна болница во дневно политички цели, велат од СДСМ по реакциите на најголемата опозициска партија после извештајот на ОЈО со причините за трагичниот пожар во тетовската модуларна болница.
Според владеачката партија, сите надлежни институции покажаа капацитет , стручност и подготвеност да спроведат ефикасна и темелна истрага за откривање на причините кои го предизвикаа пожарот во Тетово.
-Наместо да ги остави институциите да работат независно и професионално, ВМРО-ДПМНЕ се уште се обидува да профитира врз оваа несреќа, посочуваат од СДСМ.
Според извештајот за пожарот во модуларната болница во Тетово, во кој животот го загубија 14 лица, несреќата се случила како последица од електрична куса врска преку висок преоден отпор во приклучниот кабел на дефибрилатор со кој се вршела реанимација на пациент во една од болничките соби. По пожарот, министерот за здравство Венко Филипче и неговиот заменик Илир Хасани понудија оставка од морални причини, но вчера, по објавувањето на извештајот, премиерот Зоран Заев информираше дека не ги прифаќа.
Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ денес поднесе иницијатива за свикување на итна седница на Собранието согласно член 67 и член 68 од Деловникот, со две точки на дневен ред – Одлука за разрешување на министерот за здравство Венко Филипче и одлука за разрешување на заменикот министер за здравство Илир Хасани.