СДСМ подготвува Резолуција во Собранието против носење на мигранти, најавуваат и голем народен протест

Доколку Резолуцијата не добие поддршка од пратениците од владеачкото мнозинство, Филипче најави борба со сите демократски средства, а едно од нив е голем народен протест за блокирање на процесот за носење на мигранти

од Nikola Popovski
12 прегледи Фото: СДСМ

„Мицкоски и Владата отворија толку голема дупка што нема пари како да се затвори се. Веќе сега, до крајот на годината, има 1 милијарда евра недостаток во Буџетот. Ова што Владата го прави е истото тоа што се случува во Србија – истите шеми на Александар Вучиќ. Таму велеа дека ќе се работи проектот со литиум, понатаму проектот го запреа и се распишаа избори. По изборите, повторно почна со копањето литиум, за да запре откако започнаа студентските протести. Дали секаде е јасно дека Македонија се наоѓа во иста криза? Кризата со мигрантите е истата криза како проектот за копање литиум во Србија“ – вели денеска лидерот на СДСМ, Венко Филипче на прес-конференција.

Тој потенцира дека власта планира избори во 2026 година. Според него, мигрантите се веќе договорени, а за возврат треба да се добијат пари.

-Мицкоски мисли на втор мандат по изборите и мисли на тоа дека во суштина, нема да има шатори туку ќе има социјални станови. Прочитани се, им ги знаеме чекорите, кажа Филипче од седиштето на „Бихаќка“.

-Нека кажат од ВМРО-ДПМНЕ дали цел свет лаже, само нивната партија не лаже, побара лидерот на СДСМ за темата околу евентуалниот трансфер на одбиени мигранти од Обединетото кралство и пишувањата на британските медиуми.

Филипче најави дека и ќе поднесат Резолуција во Собранието за запирање на доаѓањето на мигранти. Побара и од пратениците од ВМРО-ДПМНЕ да ја прифатат Резолуцијата. Доколку документот не добие поддршка од пратениците од владеачкото мнозинство, Филипче најави борба со сите демократски средства, а еден од нив е голем народен протест за блокирање на процесот на носење на мигранти.

Документот за Резолуцијата ќе биде поднесен во наредните денови, додаваат од СДСМ.