Во Скопје го воведуваме проектот Смарт сити, Скопје без шалтери. Со Смарт сити, Скопје сите услуги ќе ги дава онлајн и со тоа станува првиот целосно дигитализиран град во регионот. Со Смарт сити, граѓаните, младите, директно и сами одлучуваат за тоа каде и како се вложуваат нивните пари. Преку апликацијата „Мое Скопје“ на својот мобилен телефон, младите ќе можат да гласаат за предлози, да дефинираат приоритети и со тоа самите да ги креираат политиките во градот, вели на прес-конференција, Мартин Попов, организационен секретар на СДСМ и кандидат за член на Советот на Град Скопје.
Според него, со проектот се зголемува инклузивноста на сите граѓани, а пред се на младите. Односно ги вклучуваме граѓаните дирекно во процесите на одлучување.
-СДСМ во изминатите 4 години и на централно и на локално ниво континуирано инвестира во младите за да останат овде, во татковината, во своите места на живеење и овде да ја градат својата иднина. Младинската невработеност ја намаливме од 42 на 29 отсто. Наша цел е таа до 2024 година да се спушти на 17 отсто. Ние сме прва земја во регионот што ја разви Младинската гаранција, преку која изминатата година се вработија над 8.400, а во првите шест месеци од оваа година 2.066 млади лица, информира Попов.