СДСМ: Со поставувањето на Трајановски, ВМРО-ДПМНЕ се враќа назад кон 2016

од Nikola Popovski
71 прегледи

СДСМ ги критикува последните одлучи на Владата околу кадровските решенија во дел од јавните институции, како и враќањето на железната ограда околу владината зграда. Според опозициската партија, „ВМРО-ДПМНЕ се враќа на правецот наназад кон 2016 година“.

Од партијата на Венко Филипче наведуваат неколку контроверзии околу изборот на Коце Трајановски за нов директор на ЈПДП.

-Шокантно е што градоначалникот кој го спроведе најголемиот градежен криминал во историјата на земјата, проектот Скопје 2014, сега ќе има моќ да раководи со најголемите инфраструктурни и градежни проекти.   Коце Трајановски е човекот кој во својата најтесна фамилија е косопственик и управител на фирмата Косистеми ДОО чија дејност опфаќа и градежништво. Ова е најава за огромна корупиција која се подготвува во ова претпријатие.

Нема поголема потврда како планира да работи ВМРО-ДПМНЕ од оваа одлука со која рехабилитираат функционери кои нанеле државна штета од преку 700 милиони евра, соопштија од СДСМ.

Според партијата, „граѓаните не гласаа за враќање назад туку за промена која воопшто не се случува и тешко дека ќе се случи“.

Вчера на седница, Владата го назначи Трајановски за нов директор на Јавното претпријатие за државни патишта. Одлуката беше потврдена од страна на Управниот одбор на ЈПДП. Тој доаѓа на функцијата на местото на Ејуп Рустеми кој дојде од редовите на ДУИ.

Трајановски е поранешен градоначалник на Скопје и Општина Гази Баба.

Вчера беа назначени и Сашо Клековски за директор на Фондот за здравствено осигурување, Александар Пандов за директор на Управата за извршување на санкции, додека пак Здравко Трајанов ќе раководи со Национални шуми.

Слични содржини