СДСМ за Договорот со „Бехтел и Енка“: ВМРО-ДПМНЕ тврдеше дека е пљачка на народот, а сега ќе го реализира

од Nikola Popovski
40 прегледи

„И покрај обвинувањата од страна на ВМРО-ДПМНЕ за Договорот со „Бехтел и Енка“, сега истиот ќе биде реализиран, како што најави министерот за транспорт“, соопштија од СДСМ како реакција на денешната изјава на Александар Николоски.

Од партијата на Венко Филипче истакнуваат дека ВМРО-ДПМНЕ и новиот премиер, Христијан Мицкоски, додека беше лидер на опозицијата, велеше дека Договорот со „Бехтел и Енка“ е „историски криминал, штетен и пљачка на народот“.

-Денеска Александар Николовски се тоа го фрли во вода, пу пу не важи. Од денеска е се различно. Од денеска ВМРО-ДПМНЕ и Владата на Христијан Мицкоски ќе го реализира истиот Договор со Бехтел и Енка. Почетокот на мандатот на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ покажува дека едно зборуваа како опозиција сега прават друго, забележуваат од СДСМ.

Новиот министер за транспорт и врски денеска порача дека „би било недомаќински и душмански кон Буџетот доколку го раскине Договорот“. Најави дека ќе се бори земјава да може да добие повеќе километри автопат од тоа што е потпишано.

Според министерот Николоски, Договорот со „Бехтел и Енка“ не би требало да е државна тајна, но сите нерегуларности ќе ги истражуваат институциите. А, она што преостанува е да се добијат што повеќе километри за да не пропаднат во вода 240 милини евра.

Конзорциумот „Бехтел и Енка“ и претходната влада на 8 март 2023 година склучија договор за изградба на четири автопатски делници (Тетово-Гостивар, Гостивар-Букојчани, Требеништа-Ќафасан и Прилеп-Битола). Поради горкото искуство со градбата на претходните автопати, кои се градат со години и не им се гледа крајот, владата се одлучи новите патишта да се градат по принципот „клуч на рака“. За таа цел беа сменети и неколку закони, меѓу кои и тој за експропријација, па сега постапката е забрзана. „Бехтел и Енка“ нема да мора да чекаат правосилност на одлуката за експропријација, туку може да располагаат со имотот штом одлуката за експропријација стане конечна.

Слични содржини