СДСМ за Милошоски: Десната рака на Мицкоски лобира да не почнеме преговори со ЕУ

од Nikola Popovski

Срамно, десната рака на Христијан Мицкоски и докажан извор на лажни вести, Антонио Милошоски отишол во Вашингтон да лобира Северна Македонија да не започне преговори за членство во ЕУ, вака реагираа од СДСМ, откако пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски денеска од Вашингтон, на маргините на конференцијата за трансатланска безбедност, соопшти дека од разговорот со соговорниците произлегува заклучокот дека и овој декември Македонија нема да добие датум за почеток на преговорите со ЕУ.

За владеачката партија, Милошоски наместо да бара ЕУ да донесе одлука што поскоро нашата држава да започне процес за преговори со Унијата, заслужени, за кои ги имаме исполнето сите услови, тој го прави сосем спротивното, работи за блокада на евроинтеграциите.

-ВМРО-ДПМНЕ предводена од Христијан Мицкоски е докажан противник на евроинтеграциите, партија која сака државата да ја врати назад во изолација, раскарана со соседите и демократскиот свет, стои во реакцијата од „Бихаќка“.

На ова се надоврза и ВМРО-ДПМНЕ. Според нив, „ако еден човек може да ја блокира европската перспектива со неколку состаноци, сите од најкорумпираната влада во Европа започнувајќи од Зоран Заев, Бујар Османи, Никола Димитров и нивните соработници треба да си заминат дома и засекогаш да се откажат од политиката“.

-ВМРО-ДПМНЕ, вклучително и особено Антонио Милошоски, силно се залагале и се залагаат за евроатлантските интеграции на Македонија и се борат за европските вредности, а против криминалот, корупцијата и неспособноста. СДСМ е најголемиот непријател на европските вредности. СДСМ знае само да се кити со европски знаменца, додека истите ги злоупотребува и ја уништува европската перспектива на Македонија. Европска вредност не е Заев да ја направи Македонија најкорумпираната држава во Европа и хибриден режим, стои во партиското соопштение од најголемата опозициска партија.

Слични содржини