Се бара укинување на првостепената пресуда за „Талир 2“, седиштето на ВМРО-ДПМНЕ ќе се спаси од конфискација

од Nikola Popovski

Случајот „Талир 2“, за кој првостепено беа осудени екс премиер во бегство Никола Груевски и поранешниот генерален секретар на партијата Кирил Божиновски за изградбата на седиштето на политичката партија ВРМО-ДПМНЕ во Скопје, најверојатно ќе биде вратен од почеток. Вишото јавно обвинителсто од Апелациониот суд побарало да ја укине првостепената пресуда за Талир 2 и предметот да се врати на повторно судење. Tоа значи дека измените на Кривичниот законик на чекор да го спасат ВМРО-ДПМНЕ од конфискација на партиското седиште, а екс премиерот Груевски од уште една пресуда.

Адвокатот на одбраната Еленко Миланов, по апелационата седница, во изјава за медиумите посочи дека апсолутна застареност со измените на КЗ настапила во јануари годинава, но и дека сега делото залоупотреба на службената положба и овластување го нема во измените.

-Јас мислам дека во конкретниот случај таква конфискација веќе не може да постои. Мислам дека не можеше никогаш да постои, но сега уште повеќе. Не знам оваа пресуда дали треба да се укине или едноставно примена на новиот КЗ да доведе до тоа да се констатира апсолутна застареност на гонење, изјави Миланов.

Лани во јуни судечкиот совет во предметот „Талир 2” го прогласи за виновен поранешниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски и го осуди на казна затвор од шест години за кривичното дело злоупотреба на службена должност. За виновен е прогласен и Кирил Божиновски, кого судот го осуди на две години условна казна.

Воедно, судот го прифати и предлогот на обвинителство и го конфискуваше седиштето на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ и повеќе партиски штабови низ државата.

Слични содржини