„Се ближи невидена криза“ – предупредувања што никој не сака да ги чуе за 2026 година

Македонија влегува во 2026 година со предупредувања за нови задолжувања, замрзнати евроинтеграции и жестоки судири меѓу власта и опозицијата. Едните прогнозираат финансиски шок и опасно задолжување над две милијарди евра, другите тврдат дека паниката е намерно создадена за политички поени. Дали навистина нè чека криза или некој свесно ја вжештува атмосферата?

од Vladimir Zorba
77 прегледи Фото: Локално

Кризна, неизвесна, можеби и неподносливо тивка 2026 година. Вакви се предвидувањата на политичарите и аналитичарите, секој од својата страна на масата, додека јавноста како да се обидува да го здогледа дното за да дознае уште колку може државата да тоне.

Опозицискиот лидер Венко Филипче на предновогодишен брифинг со новинарите оцени дека државата „влегува во тежок финансиски мраз“, со задолжување над две милијарди евра само за сервисирање на обврските.

Според него, буџетската конструкција е „дупчеста“, нема свеж капитал, нема европска перспектива што носи надеж, а евроинтеграциите, како што рече, се „заглавени во место без ниедна светилка што трепка на крајот од тунелот“.

Употреби и остар речник кон власта, нарекувајќи ја ВМРО-ДПМНЕ „антидржавен елемент кој управува со криминални кругови и корупциски јазли“, па во еден момент звучеше како да предупредува, во друг како да се обидува да се увери самиот себе.

„Ќе треба да вадиме документи, ќе ги објавуваме еден по еден, без разлика на притисоците. Имаме сознанија за нови коруптивни шеми, некои во поодмината фаза“, додаде тој.

Одговорот од ВМРО-ДПМНЕ стигна брзо, скоро рефлексно, како одбранбен механизам.

Христијан Мицкоски излезе со контранаратив: „СДСМ намерно сее паника и страв. Следната година нема да враќаме негови долгови, туку ваши. Долговите кои тие ги направија“.

Реченицата звучеше како монтажно спакувана за наслов уште пред да биде пуштена во јавност, а обвинувањата – познат репертоар: дека токму опозициската СДСМ ја довела државата до растечки дефицит, ослабена економија и разнишана доверба кај меѓународните партнери.

Едниот вели катастрофа што доаѓа, другиот вели аларм што не постои. Некое чудно чувство дека и двајцата го повторуваат сценариото од минатата година, со исти зборови, само со нов календар на ѕидот.

„Локално“ разговараше со политичкиот аналитичар Синиша Пекевски кој е уште поцрн во прогнозите.

„Па во 2026 не очекувам ама баш ништо позитивно поврзано со економија, здравство, квалитетен живот во Македонија, а најмалку нешто позитивно на политички план. Очекувам да тонеме сè повеќе во секоја смисла, а најмногу духовно и ментално. Политичарите и политичките партии се менуваат на власт, ама квалитетот на животот не се менува за граѓаните, туку само за политичарите“, вели Пекевски.

Тој предвидува закочени евроинтеграции, некреативна политика, ниски инвестиции, поддршка „само за бетон компаниите кои градат празни згради, загаден воздух и уште по неквалитетен живот“.

Не очекува предвремени избори, „нема апсолутна никаква потреба“, а и излезноста, според него, би била рекордно ниска.

„СДСМ дополнително ќе се распаѓа како партија, истото ќе ѝ се случи и на ДУИ, а верувам и ЗНАМ се движи во таа насока… Со еден збор нè очекува катастрофална година на секое поле и дополнително распаѓање на веќе распаднатиот систем“.

Предвидувањата не се нешто порозеви ни кај политичкиот аналитичар Благојче Атанасоски, кој во разговор за „Локално“ ја разглобува евро-политичката перспектива до последната завртка:

„Во однос на македонските евроинтеграции, не очекувам буквално ништо ново: ќе нема ни за јота помрднување од актуелното статус кво. Нашата влада ќе инсистира дека ‘под вакви услови’ нема да преговараме со ЕУ… Таа политика апсолутно нема да наиде на разбирање кај челниците во ЕУ, најмалку кај официјална Софија“.

Тој додава дека и покрај минималното економско напредување, сепак значително заостануваме зад државите кои веќе се во ЕУ, но и тие кои се понапред од нас во европреговарањето“, додава Атанасоски.

Спомнува дека Албанија, ако продолжи со ова темпо, „ќе нè помине“, и дека парламентaрни избори „висат во воздух“, но „ништо нема да сменат“. Сè личи на заглавена шаховска партија без победник, само фигури што веќе им е страв да се помрднат.

И градските теми се вплетуваат во оваа матрица на стагнација.

„Мене ми ја навредува интелигенцијата темата за ‘средување на состојбите со јавниот превоз’“, вели Атанасоски и набројува метра, трамваи и системи што Скопје ги нема, додека другите градови одамна ги имаат.

„Скопје, Тирана и Приштина се градови кои освен градските автобуси немаат алтернативен јавен превоз…“, додава тој.

Загадувањето останува „ужасен горлив проблем“, обвинувањата кружат, решенија нема, а граѓаните секојдневно „се трујат и се изложени на ризик“, со Онкологија што се спомнува со чувство на страв, па и цинично: „ќе нè лекуваат со физиолошки раствор“.

Во целата приказна има една невидлива нишка – недостиг од доверба. Не само меѓу политичарите, туку и кај луѓето кои стојат на автобуска станица со сметка што не се совпаѓа со платата, оние што гледаат вести и си велат: дали ова е истата земја во која живеам?

Ако 2026 навистина донесе две милијарди евра задолжување, тогаш дилемата е проста: дали тоа е реалност, политички аларм или и двете истовремено.

И додека едните велат дека доаѓа катастрофа, а другите дека е измислена, најтешко е за оние што се заглавени во средината – граѓаните, кои не можат да си дозволат луксуз да веруваат во наративи, туку мораат да преживеат ден за ден. Некои работи остануваат недоизречени… како да се чека нешто да пукне, а никој да не сака да каже гласно кога.

Б.Т.