Денеска влада ќе одлучи дали ќе се попуштат мерките кои вчера Комисијата за заразни болести ги предложи.
Владата на Република Северна Македонија, денеска ќе ја одржи редовната 69-та седница, со повеќе точки на дневниот ред од својата програма за работа и од интерес на граѓаните.
На седницата, која ќе започне во 12:00 часот, ќе биде разгледан Записникот од триесет и шестиот состанок на Главниот координативен кризен штаб за обезбедување целосна координација во врска со спречување на внесување и ширење на коронавирус КОВИД-19, одржан на 10.5.2021 година, со Записникот од состанокот на Комисијата за заразни болести, одржан истиот ден.
Скратен полициски час, работа на угостителските објекти во отворените делови до 23:30 часот и отпочнување со работа на вежбалните, фитнес центрите и теретаните, се дел од олабавените рестриктивни мерки што Главниот координативен кризен штаб и ги препорача на Владата, а таа треба да ги разгледа и да ги усвои на денешната седница.
Новите мерки би важеле од 12 до 18 мај, а се донесени на предлог на Комисијата за заразни болести врз основа на епидемиолошката состојба, намалувањето на бројот на хоспитализирани и бројот на заразени лица.