Се огласи човекот кој го укина профилот на Трамп на Твитер

од Nikola Popovski

Извршниот директор на Твитер, Џек Дорси, објави дека суспендирањето на профилот на американскиот претседател Доналд Трамп на таа социјална мрежа претставува опасен преседан, иако смета дека тоа било правилна одлука. Своето мислење за контроверзната суспензија на профилот на Трамп, Дорси го објави на неговата социјална мрежа.

„Не сум горд што му забранивме на Трамп да користи Твитер“, напиша Дорси, истакнувајќи дека ова следи по јасно предупредување. Дорси изјави дека Твитер ја донел одлуката „врз основа на најдобрите информации што им се на располагање, врз основа на закани за физичката безбедност, и на Твитер и надвор од него“.

Тој истакна дека стои зад таквата одлука затоа што, како што рече, платформата се соочувала со неодржливи околности што ги принудувале да се фокусираат на јавната безбедност. Сепак, извршниот директор на Твитер истакнува дека има значителни последици од забраната на профилот на социјалната мрежа, која има повеќе од 88 милиони следбеници, проценувајќи дека тоа претставува опасен преседан.

Дорси го објави ова еден час откако Трамп, преку видео порака, го осуди, меѓу другото, и „невидениот напад на слободата на говорот“ на технолошките гиганти, алудирајќи на социјалните мрежи кои ги блокирале неговите профили.

„Неопходно е сега да се слушаме, а не да се замолчуваме“, рече Трамп.

За потсетување, Твитер трајно го суспендираше профилот на американскиот претседател пред пет дена поради начинот на кој може да се толкуваат неговите твитови.

Слични содржини