Се отвора патот фирмите за канабис да извезуваат сув цвет, опозицијата не сака да гласа нов закон

од Aleksandar Todeski
338 прегледи

Не успеја обидот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ да се повлече Законот за опојни дроги и психотропни супстанци. Нивното образолжение беше дека овој закон не треба да биде разгледуван од парламентарното мнозинство, бидејќи бил предложен од владата која беше во функција до 3 јануари, а сега веќе има техничка влада.

„Предлог од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ е да овој сензитивен закон, кој беше поврзан со многу шпекулации, ова парламентарно мнозинство да го тргне од дневен ред. Имаме техничка влада и во име на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, предлагам овој закон кој беше предложен од владата, а не од техничката влада, да се повлече“, рече пратеникот од опозицијата, Зоран Ѓоргиевски.

Предлогот беше ставен на гласање, но не беше усвоен. „За“ предлогот гласаа пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, со три гласа, додека пак со шест гласа, владејачкото мнозинство гласаше „против“.

Министерот за здравство, Венко Филипче образложувајќи го предлог-законот рече дека целта на неговото  донесување е спречување и сузбивање на злоупотребата на опојните дроги и психотропните супстанци.

„Со предлог законот треба да се воспостови контролен механизам, да се воспостави соработка на сите институции кои се вклучени во борбата со нелегалната трговија со опојните дроги и психотропни супстанци.  Со Законот ќе се разграничи употребата за медицински цели од употребата за рекреативни цели, ќе се основа агенција за контрола, ќе се уреди начинот на рекламирање на канабисот. Одобрение до сега во Република Северна Македонија по претходна добиена согласност од Владата имаат добиено четириесетина фирми. Со новиот предлог закон се овомозжува извоз на сув цвет, со што ќе можат да ги пласираат на пазарите во Европа. Предлог законот ќе има и фискални импликации, бидејќи ќе се основа агенцијата за контрола на производи од канабис. На почеток ќе има пет вработени и директор на агенцијата. Дополнителни делови кои се менуваат е потреба за гаранција во денарска противвредност од 300.000 евра за секој кој ќе аплицира“, рече министерот Филипче.

Пратеникот од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Ѓоргиевски пак рече дека имало малку пратеници од претходниот состав, со кои заедно бил донесен „револуционерниот“ закон за марихуана за медицинска употреба.

„Тогаш овој закон го носевме под притисок на јавноста, на невладини организации, бидејќи во тоа време, употребата на црно беше широко распространета. Идејата беше трошоците на заболените од малигни болести да се сведат на ниско ниво. Со тој закон беше дозволен извоз на вишокот на масло од канабис со строго утврдена регулатива. Сведоци сме уште од тогаш, како тргна целата работа. Со промената на власта, дојдовме во позиција да се дадат дозволи на многу фирми, каде главен акцент беше добивање дозвола за одгледување на канабис. Месеци наназад сме под притисок и од јавноста и од фирмите за носење на ваков закон каде што основната идеја за висококвлаитетно масло на канабис ја прекршиме со носењето на овој закон. Мене ми е жал дека треба да размислуваме за финансиските потреби, ние претходното законско решение го носевме од медицински побуди“, рече Ѓоргиевски и најави дека ќе гласа против овој закон.

За збор се јави и пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Ванковер Манчев, кој рече дека најголем бенефит ќе имаат неколку фирми кои вложиле без државата да има донесено закон.

„Наместо да зборуваме за милиони проблеми кои ги имаат и докторите и пациентите, зборуваме за закон на Комисија за здравство, од аспект дека земјата ќе добие 20% од извозот на сув цвет и дека најголем бенефит ќе имаат четириесетина фирми кои извадиле дозвола без да постои закон. Најкоректно е да почекаме со овој закон. Не можеме ни да предвидиме што ќе донесе овој закон. Дали е вистина дека дел од цветот веќе го нема и каде е дистрибуиран. Дали со овој закон ќе се овозможни побрзо дистрибуирање на цветот, за кој е евидентно дека останува неупотребен“, рече Манчев.

Тој прелдожи да се почека со законот и повика СДСМ да го стави во програмата, па ако добијат поддршка од граѓаните, да се спроведе.

Пратеникот Сашо Василевски кажа дека бил дел од парламентанрото мнозинство кое во 2016 година го носело законот кој треба да претрпи измени и подобрување, ќе биде поттикнувач на последиците од финансиските импликации кои ги имаат над 40 компании во земјата.

„Екстрактите од канабиоидите се сѐ покористени. Ако не го гласаме сега, ние сме таква држава што секоја година имаме избори. Јас ќе го поддржам законот, но ќе пдонесам бројни амандмани. Ќе гласам за законот ако се прифатат моите амандмани. Една од моите забелешки ќе биде дали сувиот цвет кој ќе треба да биде наменет за извоз на фармацевтски компании ќе биде со европски регулативи. Сметам дека идниот парламентарен состав треба да има надзор од Собранието, да не биде таа агенција сѐ во земјава. Се предвидува и производство на афион, од што нашата држава порано извезуваше висококвалитетни лекови. Над 80 милиони евра вложиле тие компании кои сега се отворени во земјава“, рече пратеникот Василевски.

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Ванковер Манчев рече дека овие четириесетина фирми за канабис се дивоградби. Тој праша во колку земји во ЕУ постои ваков закон.

Сашо Василевски му кажа дека 12 април е за брзо време, па тогаш да кажува политички работи. Тој потсети дека лиценците се по законот донесен во 2016 година и дека и тој го гласал овој закон.

Инаку гласање на овој закон на неколку прес-конференции беше побарано од здружението МакКанабис, кое е основано од сопствениците на фирми кои произведуваат канабис за медицински цели. Тие кажаа дека работат со загуби, а со овие измени, ќе биде овозможено конечно да почнат да заработуваат, со што би се овозможиле и повеќе работни места.

А.Т.

Слични содржини