Вирусот во земјава се повеќе зема човечки животи. Вчера беа регистрирани 906 нови случаи, а 26 пациенти починаа како последица од ковид 19. Загрижува тоа што меѓу жртвите има се поголем број на млади лица.
Петнаесетгодишна девојка од тетовското село Селце вчера почина на Инфективната клиника поради ковд 19.Станува збор за девојче со прекумерна телесна тежина, која само по себе носи сериозен ризик од компликации и тешка болест, изјави директорката на Инфективната клиника, Милена Стевановиќ за починатото 15-годишно девојче од тетовското село Селце.
Таа додаде дека пациентката тераписки била целосно покриена и за жал, немало што да се додаде за да се смени исходот на заразата.
Стевановиќ наведе не знае и не може да даде информации зошто кај младите лица се следи ваков тежок развој на болеста.
-Навистина не можам да прецизирам. Притоа немаме податоци за хронични болести. Се обидовме и со матичните лекари да видиме дали има некакви коморбидитети, во случајот со младата пациентка, но немаме такви сознанија, односно нема медицински записи, информира Стевановиќ.
Девојчето починало денеска на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби, соопшти Министерството за здравство со голема жалост.
-Пациентката со многу тешка клиничка слика била донесена на Инфективната клиника откако 13 дена претходно била со симптоми на болеста. Пред да биде болнички лекувана, пациентката имала тегоби 10 дена. Според медицинскиот извештај, станува збор за исклучително тежок случај, со развиена тешка форма на болеста, а пациентката била со обезитас, велат од МЗ и според епидемиолошката анкета направена со таткото на девојчето, и нејзината мајка починала од Ковид-19.