Лекарите од Италија до Соединетите држави разговараа последниве неколку недели кога е вистинско време да се постават тешко болните пациенти од ковид-19 на респиратор.
Ова е едно од тематските проблеми што сега не е помалку важно од дебатата за ефективноста на хидроксихлорокин, изјави американски лекар за АФП. Среде пандемија, студиите се оскудни и невозможно е да се знае дали луѓето поставени на респиратор сепак би умреле заради сериозноста на нивната состојба.
Сепак, бројни лекари забележаа дека состојбата на дел од пациентите со ковид-19 се влошува брзо по интубацијата и ставање на респиратор, поради што американските болници ја одложуваат постапката неколку недели, иако повеќе од 130.000 такви машини за дишење неодамна се нарачани од владата на САД во страв од недостиг.
Првите предупредувања дојдоа од Италија, каде починаа огромното мнозинство на пациенти кои завршија на респиратор.
Статистиката е подеднакво неумолива во Велика Британија и Њујорк, каде починале 80 проценти од заболените со интубација, според гувернерот на таа држава, кој рече дека смртта често се случила една недела или две по постапката, а тоа е долг период кој го ослабува организмот бидејќи скоро сите пациентите се ставени во вештачка кома и им атрофираат мускулите.
Според пациентите кои останале без воздух на почетокот на пандемијата биле третирани според добро воспоставениот протокол за синдром на акутен респираторен дистрес (ARDS). Оваа состојба, која ги спречува белите дробови да трошат доволно кислород за снабдување на органите, може да биде предизвикана од инфекција или физички повреди. ARDS е многу сериозна состојба со стапка на смртност од околу 40 проценти.
Вообичаена практика е ваквите пациенти релативно брзо да се интубираат. Таквиот протокол се применувал и кај пациенти со коронавирус сè додека лекарите не утврдија дека синдромот „ковид-19“ не е целосно идентичен со „вообичаениот“ респираторен дистрес, барем не за некои пациенти. Белите дробови не се подеднакво оштетени односно помалку се крути.
Докторот Лучијано Гатинони и неговите колеги од Милано кон крајот на март опишаа дека ја прилагодиле постапката.
„Сè што можеме да направиме со вентилирање на овие пациенти е да „купиме време“ со минимална дополнителна штета“, напиша Гатинони во магазинот American Thoracic Society. „Мора да бидеме трпеливи“, рече тој.
Учиме во движење
Кевин Вилсон, професор по медицина на Универзитетот во Бостон и член на Американското торакално друштво, се согласува дека е потребна претпазливост. „Поголемиот дел од здравствената заедница се нервира со извештаите дека на пациентите не им оди толку добро на респиратори и се обидуваат да ја одложат интубацијата“, рече тој.
„Ние одложуваме колку што можеме, но не до моментот на итност“, додаде тој. Лекарите откриле дека има пациенти кои имаат ниско ниво на кислород во крвта, што нормално би барало интубација, но кои всушност не се во толку лоша состојба. Наместо брзо да се интубираат, лекарите користат други методи за давање на кислород: назални канили (мали цевки што се ставаат во ноздрите), конвенционални или пософистицирани маски за кислород или лежат на стомак, бидејќи тоа им помага на белите дробови. „Учиме во движење“, објаснува Вилсон.
Ова се случува и во Њујорк, каде што вирусот уби повеќе од 10.000 животи.
„Ние се обидуваме да почекаме малку подолго, ако е можно, а потоа интубираме“, рече за АФП, Даниел Грифин, епидемиолог во „ProHealth Care“, мрежа од повеќе од илјада лекари кои работат во дваесетина болници во Њујорк.
„Ако пациентите сè уште можат да издржат, им се дава помалку кислород и некои од нив се во можност да се опорават без респиратор“, вели тој.
Меѓутоа, ако пациентите сè уште имаат потреба од респиратор, Грифин објаснува дека тие можат да се прилагодат различно за снабдување со кислород под помал притисок. Медицинските друштва работат на насоки за најдобра употреба, но никој сè уште нема конечен одговор.