Групата претежно помали држави презеде нови, поамбициозни обврски оваа недела кога станува збор за климата и ги извести ОН за тоа, додека со потегот го зголемуваат притисокот врз големите глобални загадувачи да го следат нивниот пример пред големиот самит на ОН за климата во ноември.
Шефицата на ОН задолжена за климатски прашања, Патриша Еспиноса, рече дека 110 земји во светот, од речиси 200 што го потпишаа Парискиот договор за климата во 2015 година, ги известија Обединетите нации во саботата за преземање нови обврски.
„Ова е се уште далеку од задоволително, со оглед на тоа што нешто повеќе од половина од страните (58 проценти) го испочитуваа крајниот рок“, рече Еспиноса во изјавата, повикувајќи ги другите да ги „удвојат напорите“ и да преземат поамбициозни обврски кога станува збор за заштита на планетата на која живееме.
Вкупно 15 земји, од кои повеќето имаат ниска и релативно ниска емисија на СО2, преземаа нови обврски оваа недела и ги пријавија во ОН, пред крајниот рок на 30 јули, до кога влегуваат во извештајот на ОН.
Меѓу нив се Шри Ланка, Израел, Малави и Барбадос, а Малезија, Нигерија и Намибија се меѓу поголемите држави кои оваа недела поднесоа извештај до ОН за да се согласат за построги климатски цели.
Топлински бранови, поплави, шумски пожари…
Со оглед на тоа што смртоносните топлотни бранови, поплави и шумски пожари стануваат вообичаени низ целиот свет, се зголемуваат повиците за итна акција за намалување на емисиите на СО2, предизвикувајќи планетата брзо да се загрее.
Сепак, најновата анализа на Обединетите нации сугерира дека споменатата климатска промена, без оглед на обврските на споменатата група земји, ќе резултира со глобално затоплување далеку над границата од 1,5 степени Целзиусови, што е горната граница за најтешките последици од климатските промени.
„Искрено се надевам дека ревидираната проценка на заедничкиот напор ќе открие попозитивна слика“, рече Еспиноса.
Кина, најголемиот светски емитер на јаглерод диоксид, и земји како Индија и Јужна Кореја се уште немаат поднесено извештај што ветува зголемен ангажман во намалувањето на стакленичките гасови, иако постои силен меѓународен притисок да го стори тоа пред самитот за климата.
Соединетите држави и Европската унија, вториот и третиот најголем светски емитер на јаглерод диоксид, ветија поголем ангажман во последните месеци, најавувајќи дека ќе работат на побрзо намалување на емисиите на јаглерод во следните десет години.
Земјите што ќе го пропуштат рокот за вклучување во извештајот на ОН, но и по него, ќе можат да ветат дека ќе се ангажираат посилно пред почетокот на самитот во ноември.