Американскиот претседател Доналд Трамп, кој синоќа беше хоспитализиран во воената болница Walter Reed, откако беше потврдено дека е позитивен на коронавирус и имаше температура во текот на целиот ден, во болницата го прими лекот Ремдесивир.
„Вечерва со задоволство ве известувам дека на претседателот му оди многу добро. Не му е потребен дополнителен кислород, но во консултација со специјалисти избравме да започнеме терапија со Ремдесивир. Претседателот ја прими првата доза и удобно се одмара“, рече лекарот на Трамп.
Ремдесивир е антивирусен лек развиен од Gilead Science. Првенствено е наменет за третман на ебола, а се покажа како релативно ефикасен во борбата против коронавирусот, односно во скратувањето на периодот на опоравување на пациентите со ковид-19.
За Ремдесивир многу се зборуваше уште во април. Клиничко испитување во САД покажа дека лекот ги ублажува симптомите, и тоа повеќе кај пациенти со ковид-19 кои го примиле лекот во рана фаза отколку кај оние кои го примиле подоцна, објави компанијата денес.
Пациентите со Ковид-19 кои земале Ремдесивир се опоравиле 30 проценти побрзо од оние на плацебо, покажа студијата. Ова беше прво клиничко испитување спроведено во согласност со златните правила на клиничките испитувања – тестирање на лекови со контролна група и на доволно голем примерок, што покажа ефикасност на лекот против ковид-19.
Колку САД веруваат во Ремдесивир, можеби најдобро сведочи фактот што САД ја купија буквално целата глобална залиха на овој лек на почетокот на јули. Соединетите држави тогаш беа критикувани дека не останува ништо за остатокот од светот.
Просечното време на опоравување со Ремдесивир беше 11 дена
Но какви се својствата на Ремдесивир?
„Просечното време на опоравување кај пациентите третирани со Ремдесивир беше 11 дена во споредба со 15 дена, што е должина на опоравување кај оние од контролната група“, објави Институтот НИАИД
Неговиот водач, Ентони Фаучи, во средата рече дека податоците покажуваат јасен, значаен и позитивен ефект на лекот врз скратувањето на времето на опоравување и се важен доказ дека лекот „може да го блокира вирусот“.
Студијата сугерира дека пациентите на тој лек имаат помала веројатност да умрат, иако разликата била мала. Стапката на смртност кај Ремдесивир беше 8,0 проценти во споредба со 11,6 проценти кај плацебо групата.
Истражувањето започна на 21 февруари и опфати 1.063 луѓе на 68 локации во САД, Европа и Азија.
За време на студијата, никој од пациентите или лекарите не знаеле кој прима Ремдесивир, а кој неутрален препарат за отстранување на каква било пристрасност.
Истражувачите рекоа дека од етички причини, не сакале да ги чекаат резултатите од студијата или да чекаат научен преглед, бидејќи тие ја потврдиле ефикасноста на лекот и сметаат дека на сите пациенти со ковид-19, вклучително и на оние од контролната група, треба да им се овозможи пристап до лекот.
Научниците предупредија дека лекот нема драматични придобивки
Иако резултатите ги поздравија голем број научници, тие сепак предупредуваат дека неговите придобивки се релативно умерени.
„Тоа е првиот доказ дека Ремдесивир има вистински придобивки, но тие сигурно не се драматични“, вели Стивен Еванс од Лондонското училиште за хигиена и тропска медицина.
„Тие податоци ветуваат и, со оглед на тоа што нема лек за ковид, може да доведат до брзо одобрување на Ремдесивир“, вели Бабак Јавид од медицинскиот факултет Цингуа во Пекинг. „Но, тие исто така покажуваат дека Ремдесивир не е магично решение“.