Министерот за здравство Венко Филипче на вечерва на прес-конференција информира дека се преземаат дополнителни мерки за понатамошно спречување на ширење на коронавирусот.
„Се затвораат сите гранични копнени премини во Северна Македонија, освен Табановце, Деве Баир, Ќафасан и Блаце, кои ќе бидат отворени за премин на патници и возила. Да прекине со работа аеродромот Свети Апостол Павле во Охрид, односно да се затвори овој граничен премин после 48 часа од донесувањето на оваа мерка. Да се забрани влез на странски државјани и од земјите со среден ризик, освен оние од земјите со висок ризик според листата на СЗО“, рече Филипче.
Тој додаде дека на владината седница е донесена одлука да се затворат сите продавници во моловите, освен супермаркетите, продавниците за храна и аптеките.
„Се забранува целосно работата на кафетерии, барови, клубови, казина и спортски обложувалници. Сите угостителски објекти кои подготвуваат храна и продаваат храна може да работат, но без посетители, и да остваруваат продажба на алтернативен начин, односно да вршат продажба онлајн и достава надвор од угостителскиот објект (на врата на објектот)“, истакна министерот Филипче.
Тој посочи дека со седење дома се помага да се зачува јавното здравје и да се стави рампа на патот на ширење на овој вирус.
-Ние сме во фаза каде што не знаеме што можеме да очекуваме, добро е што имаме едно место на локална трансмисија. Многу земји во регионот очекуваат пикот да го имаат на крајот на март или на почеток април, рече Филипче и додаде дека сите капацитети се спремни.
Министерот Филипче истакна дека респираторните машини во моментов не се проблем и дека има доволно.