Се зголемува бројот на функционери во самоизолација: Царовска по состанок со Зекири во домашна изолација

од Берта Китинска
Утрово и потпретседателката на Владата, Мила Царовска, на нејзиниот Фејсбук профил објави дека е во самоизолација, откако нејзиниот сопартиец, Мухамед Зекири вчера објави дека е позитивен на корона вирусот.

„Ја информирам јавноста дека од денес сум во задолжителна самоизолација, откако вчера колегата Мухамед Зекири е позитивен на Ковид-19. Во текот на минатата недела имавме заеднички состанок на кој сите бевме со заштитна опрема и на препорачаната дистанца. Сепак, согласно епидемиолошката анкета задолжително ќе останам во самоизолација до 9 јуни. Во текот вчерашниот ден направив и тест кој е негативен. Засега немам никакви симптоми и се чуствувам добро. Сите мои работни обврски продолжувам да ги извршувам непречено од дома.На семејството Зекири му посакувам брзо и успешно оздравување и закрепнување, како и на сите останати граѓани кои се борат со коронавирусот, напиша Царовска.

Во самоизолација по објавата на Зекири дека е позитивен на Ковид 19 се и министерот за информатичко општество Дамјан Манчеевски, водителката Душица Мрѓа и советникот за односи со јавност во Владата, Марјан Забрчанец. Секретар на ВМРО-ДПМНЕ Игор Јанушев по учесвото во емисијата на ТВ24 заедно со Зекири објави дека се тестирал за коронавирусот и тестот е негативен.

Слични содржини