Се зголемува е бројт на оздравени од Ковид-19 во земјава

од Берта Китинска

Министерството за здравство информира дека трета недела по ред продолжува трендот на намалување на бројот на новозаболени и починати лица, а се бележи благо зголемување на бројот на оздравени лица според податоците во неделниот извештај на Институтот за јавно здравје за периодот од 3 до 9 август 2020 година. ИЈЗ известува дека во овој период се направени вкупно 9.543 тестирања (1.8% помалку од периодот 27 јули –2 август) и регистрирани се 816 позитивни случаи на Ковид-19, што претставува намалување за 10.5% споредено со претходната недела.

-Во периодот на известување повторно намалување има и во процентот на позитивни од тестирани случаи, кој изнесува 8,6%, во споредба со последните две недели кога 9,4%, односно 10% од тестираните беа позитивни. Новозаболени се регистрирани во 26 градови, при што најголем процент на новозаболени има во Скопје (31,4%), во Штип (11,3%) и во Гостивар (10,4%). Во 16 градови во земјата, за истиот период, бројот на новопотврдени случаи е под 20.

Во однос на старосната структура на новозаболените и во овој период најголем процент се лица над 60 години – 25,9%, а поголем број на заболени се регистрира и кај лицата на возраст меѓу 30-39 години – 18,4%. Во возрасната група 40-49 години се 17,9% од новозаболените, а во групата 50-59 години – 17,2%. Најмал број е регистриран кај децата од 0-9 години – 1,6% и 10-19 години 4,0%. Од случаите, кои се епидемиолошки истражени, хоспитализирани се 78 лица или 13,6% од новозаболените, а кај 196 лица или 34,3% е регистрирано присуство на коморбидитети. Од вкупниот број на епидемиолошки истражените новозаболени во овој период 34,8% имале контакт со потврден случај на Ковид-19, а 8 лица (13 помалку од претходната недела) имале историја за патување во странство во минатите 14 дена.

Во периодот од 3 до 9 август се регистрирани 1.038 оздравени лица, кои биле хоспитализирани или на домашно лекување, што е благо зголемување во споредба со претходниот период. Во периодот од 3 до 9 август, регистрирани се 25 смртни случаи, што е намалување од 13,8%, во однос на минатата недела, кога исто беше забелжано намалување на бројот на смртни случаи. Најголем дел од случаите се лица над 60 години – 56,0%. Во болнички услови се починати 21 од случаите, а четири вон болнички. Кај 19 од смртните случаи (76,0%) регистрирани се претходни коморбидитети.
Деталните извештаи на Институтот за јавно здравје за состојба со Сovid-19 во Република Северна Македонија – 03-09.08.2020, како и кумулативна состојба со Сovid-19 во Република Северна Македонија се достапни на веб страницата на Институтот за јавно здравје http://iph.mk, велат во соопштението.

Слични содржини