Себастијан Курц, актуелниот министер за надворешни работи на Австрија има најголеми шанси да стане новиот канцелар на државата, покажуваат анкетите пред утрешните парламентарни избори.

Последните анкети покажуваат 33 отсто поддршка за Народната партија (ОФП) на чие чело, пред половина година, застана Курц, 27 отсто за радикалната десница претставена преку Партијата на слободата (ОФП) чиј лидер е Ханс Кристијан Штрахе и 23 отсто поддршка дале за досега доминантната Социјалдемократската партија (СПО) на чело со Кристијан Керн, кој
истовремено е и вршител на должност канцелар. Прашањето што го наметнува печатот во Австрија не е дали, туку колку Австрија практично ќе сврти кон десно по утрешните избори.
Со насловот „Крај на левичарската хегемонија“ во најновиот број на „Ди пресе“, весникот се осврнува на фактот дека од 1970 година социјадемократите се на чело на владата во Австрија, освен шестте години кога канцелар беше Волфанг Шусел од Народната партија.
– Сега навистина е извесна промена во досегашната политичка архитектура на земјата. Не само што анкетите покажуваат најголема поддршка за Курц, туку и за десничарката политика генерално каде е речиси сигурна доминацијата на Народната партија во комбинација со Партијата на слободата, пишува „Ди Пресе“.
Според медиумите и аналитичарите причината за очекуваното свртување кон десно на Австрија ја гледаат во мигрантската криза која предизвика страв кај Австријците дека нивната благосостојба, но и вредностите меѓу кои и религијата, се загрозени. Лидерот на Народната партија, 31-годишниот Курц, според аналитичарите, од таа состојба извлече двојна корист. Најголемиот адут со кој настапуваше во сите телевизиски дуели е отворањето на вратите за мигранти во 2015 година со што Австрија ја инклузивноста како вредност и сега Курц ги има симпатиите на мигрантите. Од друга страна, во настапите на партиските митинзи низ градовите, тој им ветува на австриските граѓани дека ќе го запре нелегалниот влез на мигранти и приливот ќе се стави под контрола.

„Феноменот Курц“ е предмет на анализа и за политичкиот аналитичар Томас Хофер.
– Австриската ОФП е дел од владината коалиција веќе 30 години, но сега на предизборните плакати, Курц порачува „Време е нешто ново“. Тоа е масивна контродикторност, но со Курц очигледно функционира, истакнува Хофер.
Популарноста на Курц е во континуиран пораст од 2015 година кога тој како министер за надворешни работи имаше клучна улога во прифаќањето на приливот на мигранти, но истовремено силно се ангажираше да го стави приливот под контрола, со чести посети на балканските земји за да се затвори така наречената балканска рута.
Пред неполна година беше избран за лидер на Народната партија и веднаш ја ребрендираше во Нова народна партија, а истовремено, традиционалната црна боја која е заштитен знак на партијата ја замени со тиркизна. Целата кампања и ребрендирањето на партијата е поврзана со неговиот лик во преден план. Тој е сега брендот, а не партијата, пишуваат аналитичарите.
Ако биде избран за канцелар, тој ќе биде еден од најмладите претседатели на влади во светот. Во анализата за подемот на десничарката елита и очекуваниот пораз на Социјалдемократската партија на левиот центар, „Ди Пресе“ прави хронологија на успесите на до сега зацементираната „прва“ позиција на социјалдемократите.
Од 1971 година кога почнува подемот на Бруно Крајски како прв социјалдемократски канцелар и неговата партија, тој со силна поддршка ги освојува и изборите во 1975 и 1979 година кога практично по примерот на неговиот личен модел Шведска, ги воспоставува фундаментите на социјалдемократијата во Австрија. Во секоја сфера, од образованието, преку економијата,
пазарот на работна сила, судството, семејната политика. Оценуван е како левичарски романтичар.
Весникот анализира дека достигнувањата на левицата во социополитичката кариера за австриските граѓани се придобивки кои не би можела да ги доведе во прашање десна влада, ако дојде до промена по 15 октомври.
Парламентарните избори што се одржуваат утре се предврмени (една година пред редовниот термин) откако лани Социјалдемократската и Народната парија кои се коалициски партнери влегоа во клинч, со што се наруши владината хармонија. Двајцата лидери на партиите, партнери во коалицијата, СПО и ОФП поднесоа оставки по ланските претседателски избори кога кандидатите предложени од нивните парии доживеаја пораз излегувајќи од игра по првиот круг.
Тогаш Кристијан Керн беше избран за канцелар до парламентарните избори и лидер на Социјалистичката партија на Австрија. Изборот на Керн, слично како и во партијата на Курц беше со намера тој да претстави ново лице на партијата бидејќи на претседателските избори граѓаните практично гласаа против партиите од коалицијата на власт, отфрлајќи ги нивните кандидати.
Керн е новинар по професија, кој пишувал за економија. Во 1999 година бил портпарол на парламентарната група на социјалистите, по што влегува во менаџерскиот тим на една од водечките австриски компании за електрична енергија. Во 2010 година станува извршен директор на австриската железница, а од 2014 година и претседавач со Заедницата
на европски железници.
Тој ги претставуаше во кампањата придобивките од социјалистичките вредности, социјалната
сигурност, образованието, безбедноста. Од друга страна, без оглед на стекнатите придобивки од социјалистикиот модел, мигрантската криза исфрли сосема други прашања на површина од кои голема придобивка стекна екстремно десничарската
Паријата на слободата, која ја предводи Ханс Кристијан Штрахе.
Кандидатот на оваа партија за ланските претседателски избори, Норберт Хофер, доби најголем број гласови по првиот круг претседателски избори што во Австрија, во аналитичарските кругови и печатот се доживеа како шокантна промена на гласачкото расположение. Хофер на крајот изгуби од независниот кандидат предложен од Партијата на зелените, Александер Ван дер Белен, но популарноста на Партијата на слободата остана на сцена, како што покажуваат анкетите во кампањата на актуелните парламентарни избори каке оваа партија според процентот на гласови на анкетите е втора после партијата што ја предводи Курц.
Вкупно 16 партии се борат за 183 столчиња во Парламентот иако проценките се дека освен трите партии со најголема поддршка, прагот од четири проценти можат уште да го надминат Партијата на зелените која ја предводи Улрике Луначек, либералите НЕОС чиј лидер е Матиас Стролц и Листата на Пилц, која ја предводи Петер Пилц, поранешен популарен член
на зелените кој настапува самостојно. Весникот „Стандард“ сепак во вчерашниот број, сумирајќи ги впечатоците од крајот
на изборната кампања, во текстот насловен „Влада на изненадувања“ пишува дека сепак исходот може да не биде пресликан од анкетите на јавните мислења.
– Креаторите на јавното мислење, ако може да им се верува, забележуваат движења во последните денови кои се спротивни на анкетите. Ова е придружено со спинувањата од партиските централи кои се обидуваат да ја сведат битката на еден против друг, но не на Народната партија и партијата на слободата туку помеѓу досегашните владини партнери на левиот и десниот центар. Тоа е проследено со силни обиди за мобилизација на симпатизерите на досегашните партнери во власта, пишува весникот. Уште една контрадикторност е што пак лидерот на Партијата на слободата, Штрахе кој ја темели популарноста на антимигрантската реторика, смета на само на гласовите на крајно конзервативните Австријци туку и на мигрантите. Но не кои било мигранти, туку оние кои не се муслимани. Неговата браслетна која е бројаница му стана веќе заштитен знак со која се доближи до мигрантите од балканските земји, главно српската заедница. Тој настапуваше со силна антиисламистичка реторика, а главните пораки на изборните плакати на неговата партија се дека црвено – црната коалиција е голем проблем и дека исламот не припаѓа на Австрија.
– Ние не сме партија на националисти, туку на патриоти, се нарекуваат самите.
Лидерот на социјалистите Керн, на 48 часови пред гласањето на својот ФБ профил порача дека до последна секунда ќе се борат да ја спречат црно – сината коалиција, како и за промоција на социјализмот како концепт. Освен отпорот од мигрантите, она што не му одеше на рака на социјалистот Керн беше и ангажманот во кампањата на Израелецот Тал
Силберштајн кој беше осомничен во матичната земја за перење пари, но и за интернет сајтови кои ширеа лажни вести со цел да се оцрни Курц. Без оглед што Керн ја демантираше поврзаноста со лажните интернет страници и го откажа ангажамнот на Силберштајн, дамката од целиот скандал се провлекуваше до крајот на кампањата. Во случај навистина анкетите на јавното мислење да се преточат во резултати, и да дојде до нова, црно – сина коалиција помеѓу умерената и екстремната десница, не се очекува дека ЕУ би презела санкции како при првиот влез на „сините“ кога ги предводеше Јорг Хајдер.
Сепак, евроскептицизмот што го шири Партијата на слободата, ќе биде голема тема за Унијата.
Во однос на бројот на бегалци и доселеници, официјалната статистика од 2016 година покажува дека во Виена, каде практично и живеат најмногу мигранти, 72,6 отсто се Австријци. Од заедницата имигранти, 4,1 отсто се Срби, 2,5 отсто Турци, 2,3 отсто мигранти од Германија, 2,2 отсто од Полска, 1,5 од Романија 1,2 БиХ и по 1,1 отсто Хрватска и Унгарија.
Во Австрија право на глас на утрешните избори имаат 6,4 милиони жители./МИА
………………………………..
Ида Протугер специјално за МИА