Сексуалното образование влегува во училишните клупи: Што ќе се изучува и како ќе се одвиваат часовите?

од Берта Китинска
726 прегледи

Сеопфатното сексуално образование (ССО) идната година ќе стане дел од наставната програма во основните училишта. Реакциите во јавноста се поделени додека едни го одобруваат, други коментираат дека се уште е рано за ваков проект.

Не е воопшто лошо што луѓето си имаат замисла за тоа што претставува сексуалното образование, жално е ако не отворат ум и уши за да слушнат што навистина сакаме да ги научиме младите, вели за „Локално“ едукаторот , Дарко Милошовски од ХЕРА.

-Со сеопфатното сексуално образование ќе се дополни едукацијата од областа на репродуктивното здравје, граѓанските права, насилството како и заемната почит на партнерите. Свесни сме дека на младите им треба поголема едукација кога се работи за нивниот сексуален живот. Не секогаш учениците би се обратиле кон родителите/наставникот за одговор; попрво би му се обратиле на Интернетот. Веруваме дека сеопфатното сексуално образование ќе им даде одговор на многу прашања без притоа да оставиме сексуалното и репродуктивно здравје и права да бидат табу теми, објаснува Милошовски.

Тој вели дека преку ССО учениците ќе се охрабрат да дискутираат на одредени табу теми без никаков срам или страв.

-Младите се желни да научат што повеќе за нивното репродуктивно и сексуално здравје – ССО им ја дава таа можност. Ќе научат да препознаваат сексуално насилство, но и каде да се обратат во таков случај. Ќе научат кои се нивните граѓански права и кои права ги немаат маргинализираните групи на граѓани. Ќе научат да препознаваат одредени симтоми и да одат кај вистинскиот доктор. Ќе научат да го почитуваат како своето тело и ќе разберат како медиумите манипулираат со нивната перцепција за родовите идеали, вели врсничкиот едукатор од ХЕРА.

Милошовски објаснува дека од Интернетот младите може да добијат точни или погрешен одговор, па затоа потребно е младите да се охрабрат и да дискутираат на оваа тема со нивните пријатели, роднини и со стручни лица.

-Да не оставаме сами да носат одлуки само со помош на Интернетот. Многу е битно да се стекне довербата на младиот човек за да може слободно да дискутира за она што го интересира. Младите имаат голем број на информации поврзани со сексуалното и репродуктивното здравје, но тоа не значи дека можат да ги применат во приватниот живот. Токму затоа, ССО нуди релевантни податоци од стручни лица кои се поткрепени со факти, објаснува Дарко.

Наставникот ќе ја контролира дискусијата на часот

Од граѓанската организација ХЕРА, велат дека пилот-проектот планирано е да започне во септември 2021 година во четири училишта, како изборен предмет, по дадена согласност од родител/старател.

-Сеопфатното сексуално образование за разлика од останатите школски предмети ќе се учи интерактивно. Преку вистински приказни учениците се запознаваат со граѓанските и сексуални права, кога се прекршени и како може да се бранат. Преку исечоци од весник се освестуваат за тоа како медиумите потсвесно ни наметнуваат архетипови на родови идеали. Откако ќе ги заинтересираме за темата, отвораме дискусија во која секој има право да го искаже своето мислење. Наставникот е тука да ја контролира дискусијата. Многу често преку аргументатирано изразување на дискусијата, самите ученици доаѓаат до заклучок, а наставникот е тука за да ги обучи за прашањата што не ги знаат или за кои имаат неточни одговори. И младите неретко имаат стереотипи и предрасуди. Преку сексуалното образование тие ќе станат посвесни за своите постапки и ќе можат да донесуваат поинформирани одлуки – на тема род, сексуално и репродуктивно здравје, граѓански апсекти, тело и слика за телото, врски и односи и сексуалност, вели едукаторот од ХЕРА.

Според Милошовски за почеток е доволно е младите да имаат прилика да го одберат како изборен предмет ССО и училиштето да им даде пристап до ваков тип на информации, па тие самите и нивните родители да увидат дали и колку им е потребно сексуалното образование.

-Бројот на ученици ќе зависи од тоа колку има интерес за темите, а со неформалната едукација видовме дека има огромен интерес.Независно дали се учи како изборен или задолжителен предмет, во земјите каде што ССО е достапен во рамките на формалниот училиштен систем се бележи намалување на бројот на малолетнички бремености, сексуално преносливи инфекции и на врсничко насилство, вели тој.

ССО ќе биде изборен предмет

Од Министерството за образование објаснуваат дека воведувањето на сеопфатно сексуално образование во основните училишта, ќе значи унапредување на родовата еднаквост, инклузивноста и толеранцијата, но и превенција од сексуалното вознемирување и насилството.

-Се работи за пилот-прoект кој од учебната 2021/2022 ќе опфати четири училишта – три во Скопје ( ОУ „Јан Амос Коменски“ – Карпош, ОУ „Кузман Шапкарев“ – Кисела Вода, ОУ „Лирија“ – Чаир) и едно во Тетово (ОУ „Братство Мигени“), при што предметот сексуално образование се воведува во деветто одделение и ќе биде изборен. Потоа, ќе се направи евалуација на резултатите и соодветно интегрирање на ова образование во наставните курикулуми.Изборот на училиштата е заедничка одлука на имплементаторите на пилот програмата. Се внимаваше училиштата да бидат – првото од рурална средина, второто централно градско подрачје на македонски наставен јазик, третото од централно градско подрачје на албански јазик и едно каде има и македонски и албански наставен јазик, велат од МОН за „Локално“.

Оттаму информираат дека вкупно 14 наставници ќе го предаваат предметот,а наставната програма ќе биде реализирана во 36 училишни часа.

-Во текот на декември 2020 година беа спроведени обуки за стекнување на знаења и вештини за сите теми поврзани со сеопфатно сексуално образование, согласно последните препораки на УНЕСКО за возраст од 12 до 15 години, односно род и пол, сексуално и репродуктивно здравје и ХИВ, сексуалност, насилство, граѓански аспекти и дискриминација, тело и слика за телото, и врски и односи.Во процесот на воведување на сеопфатно сексуално образование е вклучено Бирото за развој на образованието, граѓанската организација ХЕРА, како и меѓународни организации – УНЕСКО, УНДП, СЗО и УНФПА, велат од министерството.

Младите ќе бидат повеќе слободни да ги произнесат своите внатрешни чувства

Според досегашните истражувања на младинската организација „Крик“, ССО има огромна улога во градење на позитивен став на младите како да ги препознаат различните форми на сексуално насилство, како да се заштитат од сексуално пренослiви инфекции, вклучувајќи и ХИВ, намалување на бројот на непланирани бремености и сл.

-ССО влијае врз унапредување на личното ментално здравје на младите, градење на здрави партнерски врски и правење чекор напред кон зголемување на родовата еднаквост меѓу момчињата и девојчињата. Тимот на младински работници од Центар за младински активизам Крик целосно се согласува со имплементација на ССО во формалниот процес на едукација. Пред сè, од програмата учениците ќе бидат повеќе слободни, спремни и храбри да ги произнесат своите внатрешни чувства и ставови, ќе се разберат полесно себеси и прифатат онакви какви што се во вистинска смила на зборот! Преку програмата младите ќе го научат начинот на пренесување на сексуални преносливи инфекции, ќе дојдат до концизни информации и факти за точната превенција од СПИ, па сè до, каде и кога да се обратат во случај да се најдат во оваа ситуација. Но, најбитно ќе се заштитат од злоупотреба и манипулација, како и видови на насилство – особена проблематика која е карактеристична кај ранливите категории, како што се млади лица со попреченост, роми и ЛГБТ лицата, вели Александра Петкова од „Крик“

Младите лица со попреченост вклучени во сексуалната едукација

Центарот за младински активизам „Крик“ во фокусот на своето работење ги става младите лица со попреченост и нивната едукација за родовата еднаквост и сексуално репродуктивно здравје

-Веќе 9 години по ред спроведуваме младински програми во 6 специјални училишта во Скопје, каде учесниците се млади лица со попреченост и млади лица со типичен развој. Целта на овие програми е да се зголеми социјалната инклузија на младите лица со попреченост. Овие програми се надополнување на формалното образование, а имаат за цел да одговорат на потребите на младите лица во РС Македонија. Земајќи ја во предвид потребата за зголемување на свеста кај младите за родовата еднаквост и сексуално репродуктивно здравје, ЦМА Крик во периодот од февруари до мај 2021 година спроведува младинска програма која има за цел да ги научи младите како да се заштитат од СПИ и како да изградат здрави партнерски врски. Младинската програма е составена од циклус на 10 едукативни и забавни работилници кои се имплементираат онлајн, а е посетена од 10 млади лица со оштетен вид, ученици од Државнито училиште за деца и младинци со оштетен вид „Димитар Влахов“ – Скопје и млади лица со типичен развој. Тимот кој е одговорен за имплементација на младинската програма за СРЗ е составен од сертифициран врснички едукатор, младински работник, специјален едукатор и социјален работник, велат од младинската организцаија.

Родители поделени во ставовите

Во разговор со „Локално“ дел од родителите сметаат дека благодарение на интернетот децата имаат информација за сé што е во нивен интерес, но тие информациите според нив се површни и недоволни.

-Мојот став за воведување на сексуално образование во училиштата е позитивен. Впрочем и УНЕСКО има објави целосно ажурирано меѓународно техничко упатство за сексуално образование, кое се залага за квалитетно унапредување на здравјето и благосостојбата, почитување на човековите права и родовата еднаквост и ги едуцира децата и младите за здраво, безбедно и продуктивно живеење. Дефинитивно е потребно воведување на таков предмет, но многу е важно кој и како ќе ги пренесува знаењата на децата. Дали имаме компетентни кадри, со сите потребни компетенции, кои ќе умеат да ги адаптираат програмите и начинот на пренесување на знаењата согласно возраста на децата, вели Ирена Петровска родител на две деца.

Според неа ССО би требало да се воведе во тинејџерски период.

– Ако имаме кабаница, не значи дека ќе заврне дожд, исто како што не значи дека ако се воведе ССО ќе има контра-ефект врз младите. Моето мислење е дека на тој начин ќе се ослободат и родителите и наставниците и тинејџерите , да зборуваат за „табу темите“, зашто тоа ќе биде нормално. Според мене, ССО би требало да биде сеопфатното образование за сексуалноста , процес заснован на наставна програма и учење за когнитивните, емоционалните, физичките и социјалните аспекти на сексуалноста, како основна цел добро здравје (психо-физичкко, социјално,репродуктивно, емоционално…) . Оваа програма да има за цел, да ги оспособи децата и младите, да ги збогати со знаење, вештини, ставови и вредности што ќе ги оспособат да го реализираат своето здравје, благосостојба и достоинство; да развиваат односи базирани на социјално и родово почитување; и да ја разберат и обезбедат заштитата на нивните права во текот на целиот живот. Секако да бидат вклучени и родители, како би се обезбедил и одржал оној триаголник, сé за доброто на децата, а со тоа и на сите нас, вели Ирена.

За некои родители децата на 14 годишна возраст не се подготвени да дискутираат и слушаат предавања на оваа тема .

-Како родител на дете од 14 години сметам дека ваков тип на едукација е рано да се воведе во деветто одделение. Децата на овие години не се зрели и заинтересирани да дискутираат на таа тема.Сметам дека соодветна возраст е од 16 или 17 години кога учениците ќе бидат по зрели, подготвени и реално по заинтересирани да слушнат нешто повеќе на таа тема и реално да научат и применат од наученото.Се во свое време така и предавањето доколку не ја погоди возраста на ученикот целта ќе биде промашена, вели Ана Кировска.

Од ХЕРА велат дека нормално е загриженоста кај родителите за тоа што нивните деца ќе учат на училиште.

– Секој родител треба да води грижа за тоа што наставниците ги учат децата. Страв од промена е исто така очекувано во опшество коешто е навикнато на стагнација. Скептичноста треба да оди рака под рака со критичкиот пристап – дури и кога се во прашање реформите во образованието. Придобивките од пилотирањето на ССО се големи, но невидливи за оние родители кои веруваат дека ССО ќе им наштети на децата, заборавјаќи колку на самите нив им била потребна

сексуалната едукација кога биле ученици. Единствени вредности кои ги воспоствуваме е меѓусебната почит и разбирање, велат од ХЕРА.

Жестоки дебати

Експертите од регионот сметаат дека воведувањето на сексуалното образование е значајно бидејќи и на факултетите психолозите и другите стручни лица не се едуцираат на адвектен начин да им помогнат на жртвите посебно на сексуално насилство.

Иницијативата за вовдување на ваков тип на едукација во Србија од страна на организацијата „Не значи не“ е предадена на Владата за да се разгледува.

Во европскиот регион забележан е напредок во развојот и интегрирањето на програмите за сексуално образование во училиштата за формално образование. Во 21 од 25 земји постојат закони, политики или стратегии со кои се наложува или се поддржува сексуалното образование.

Б.М.

Слични содржини