Во божикните денови, кога улиците беа исполнети со детски поворки, икони, крстови и традиционални песни, јавниот простор повторно се претвори во сцена за судир на толкувања.
За едни, тоа беше жив доказ дека општеството сè уште знае да се врати кон корените, кон идејата за заедништво, љубов и духовна топлина. За други, истата слика отвори непријатни прашања за границите меѓу верата, државата и детето како најранлива категорија во секое општество.
На прв поглед, бадниковите поворки делуваат безопасно. Деца кои пеат, носејќи порака што, барем декларативно, е универзална: мир, радост, семејство. Во таа смисла, традицијата има силен културен карактер и е дел од колективната меморија на мнозинството граѓани. Таа не е нова, ниту наметната од вчера.
Проблемот, сепак, не е во самото постоење на обичајот, туку во контекстот во кој тој се одвива и симболите што го придружуваат во ова наше секуларно општество.
Психологот Ангела Будиноска во разговор за „Локално“ објаснува дека за помалите деца, ваквите поворки најчесто се доживуваат како нешто весело и тие деца во тој момент не размислуваат за верската симболика, туку само реагираат на атмосферата и емоцијата.

Фото: Приватна архива
– Но, како што растат, децата почнуваат да забележуваат што се очекува од нив. Ако им се пренесе порака дека „така треба“, дека мора да учествуваат или дека е лошо ако не сакаат, тогаш активноста престанува да биде игра и станува обврска. Треба да се биде внимателен во комуникацијата и пристапот, бидејќи тука може да се појави притисок, особено кај деца кои имаат поинакви убедувања или доаѓаат од семејства со различни вредности. Каде е границата меѓу традиција и наметнување? Границата не е во самата традиција, туку во начинот на кој таа им се претставува на децата. Кога на детето му се објаснува дека нешто е дел од културата и обичаите, и дека има право да праша, да избере или да не учествува, тогаш зборуваме за здраво запознавање со традицијата. Кога, пак, нема простор за прашања, кога се создава чувство на вина, страв или срам ако детето не се вклопи, тогаш психолошката граница е помината – објаснува Будиноска.
На прашањето како се чувствуваат децата кои не припаѓаат на таа вера, Будиноска посочува дека дел од децата можат да се почувствуваат „поинакви“ или „надвор од групата“.
– Ова е особено важно прашање. Кога една верска симболика доминира во јавниот простор, дел од децата може да добијат порака дека се „поинакви“ или „надвор од групата“. Некои деца можеби нема да го кажат тоа гласно, но можат да почувствуваат дека не припаѓаат, дека треба да се прилагодат за да бидат прифатени или дека нивното семејство и вредности се помалку важни. Чувството на исклученост, дури и кога е суптилно, може да влијае врз самодовербата и чувството на сигурност кај детето. Што можат да направат родителите? Најважен е разговорот. Родителите можат да му објаснат на детето што претставува традицијата, да му дадат до знаење дека има право на свое мислење и чувство, да го охрабрат да прашува и да размислува и да му укажат на тоа дека неговата вредност не зависи од тоа дали учествува или не – објаснува психологот.
Голема прашина крена и потегот на неколкумината полицајци кои на Бадник повикале православен свештеник за да им ги освети новите службени полициски автомобили.
Новинарот и автор на емисијата „Попкаст“, Мартин Богатиноски, за „Локално“ вели дека суштината на проблемот е погрешно поставена.

Фото: Фејсбук/Мартин Богатиноски
– Да се биде верник не е ниту скандал ниту закана за секуларноста. Проблемот е што православието, кое објективно е доминантна вера во Македонија, некој упорно се обидува да го претстави како маргинално или недозволиво во јавниот простор – вели Богатиноски.
Тој додава дека терминот „секуларизам“ кај нас често погрешно се сфаќа.
– Секуларизмот не значи бришење на доминантната верска реалност, ниту глумење некаква вештачка неутралност. Секуларизам значи дека државата институционално не фаворизира вера, но и не се срами од фактот какво е општеството. Луѓето го мешаат секуларизмот со атеизам, а тоа се две сосема различни работи – посочува Богатиноски.
Според него, никој не треба по секоја цена јавно да ја демонстрира својата вера, но исто така никој не треба да биде стигматизиран поради неа.
– Како што не беше нужно во Парламентот да се прави муслимански обред за жртвите во Сребреница, така можеби и полицијата не мораше јавно да осветува полициски возила. Но, што правиме со тоа што поглаварот на МПЦ-ОА г.г. Стефан токму денеска слави именден и традиционално и оваа година го покани целиот државен врв? Зошто и овојпат никој не ја спомнува секуларната држава? Затоа велам, терминот „секуларизам“ е измислен за да се манипулира со него – заклучува Богатиноски.
Б.Т.