Села во сабота ќе се обиде да го смени Таравари: „Борба против опортунитетот и поддршката од членството“

од Nikola Popovski
393 прегледи

Кавгата во Алијанса за Албанците се разгорува. Завчера нападнат директорот на Агенцијата за одземен имот, наводно од блиски луѓе на Арбен Таравари, а вчера оставен куршум пред домот токму на лидерот на партијата. Откако преку социјалните мрежи побара Централното собрание на партијата да даде „зелено светло“ да му се приклучат на опозицискиот фронт, бидејќи граѓаните посакуваат промена, дел од функционерите, меѓу кои министерот за правда и генерален секретар на партијата Кренар Лога и поранешниот лидер Зијадин Села го предупредија дека партијата веќе донела одлука, на изборите ќе оди самостојно и не може тој како поединец да носи одлуки во име на партијата. Од друга страна, зад Таравари застана министерот за здравство Меџити и дел од ограноците. За во сабота е најавена седница на Централното собрание, па останува да се види дали може да дојде до пресврт во партијата и да се побара одговорност од првиот човек.

Во меѓувреме, Таравари се огласи за куршумот и инцидентот го спореди со борбата на познатиот италијански судија Џовани Фалконе со тамошната мафија. Фалконе беше голема опасност за Коза Ностра, мафијашката структура која досегна до врвот на моќта во Италија. Токму Фалконе собра докази од мафијашките информатори за првото големо судење во кое беа осудени стотици мафијаши во 1987 година. Поради тоа му беше извршен атентат во 1992 година, што го сигнализираше и почетокот на крајот на мафијата во земјата. „Жал ми е за моето семејство и особено за мајка ми која особено лошо ја доживеа оваа ситуација. Жал ми е за тие политичари кои покажуваат дека нивниот аргумент да замолчи нечиј глас се куршумите, куршуми кои ме потсетуваат на Италија од 1992 година каде мафијата го уби познатиот судија Џовани Фалконе… Но, до тука ми е жал… тука завршува моето жалење и започнува мојата радост затоа што разбирам дека оние што ја држеа оваа земја како заложник се во очај на загуба“, објави меѓу другото, лидерот на АА и градоначалник на општина Гостивар.

Ќе успее ли Села да го смени Таравари? 

Дел од јавноста смета дека тоа што се случува во моментов во Алијанса за Албанците не е само производ на политички наратив и политичка идеологија, туку и на внатрепартиска динамика. Политичкиот аналитичар Петар Арсовски смета дека внатре се пресметуваат сили кој ќе ја води партијата во наредниот период.

Петар Арсовски

-Токму затоа ниту една ниту другата страна не можат да попуштат. Политичката определба дали ќе се оди со ДУИ или Европскиот сојуз за промени е „лајтмотив“ во основа. Сега се позиционираат за после тоа и затоа не можат да попуштат бидејќи ќе се изгуби контролата врз партијата, посочува Арсовски во разговор за „Локално“.

Теоретски, додава аналитичарот, Села во сабота може да го смени Таравари, иако видовме дека соопштија како Таравари веќе има 80 потписи.

-Мислам ќе биде тешко бидејќи во основа Алијанса за Албанците е со проопозициски наратив. Оваа привремена коалиција со ДУИ е само заради учество во власта, така што мислам дека таму ќе се борат опортунитетот и поддршката од членството. Во такви случаи, секогаш победува поддршката од членството, уверува Арсовски.

Според него, ДУИ во наредниот период ќе се соочи со најголемиот предизвик во последните 15-20 години.

-Ќе се формира еден блок кој што ќе го собере целото незадоволство кај албанските гласачи. Досега ДУИ доминираше, не затоа што толку води пред албанските партии, туку затоа што тие беа разединети. Сега самиот факт што се споени, ќе ѝ направи на партијата да ѝ биде комплицирана ситуацијата на изборите, оценува соговорникот.

За средбата во Приштина на членовите на ЕСП плус Таравари, Арсовски не е сигурен дали Курти директно влијаел на Таравари и дали го предомислувал, но точно е дека веќе подолго време има влијание кон Албанците во Македонија и од Тирана и од Приштина.

-Академско прашање е дали е тоа принципиелно или не е и затоа можат да се расправат после изборите. Таравари одлучил како што одлучил, од сопствени политички причини. Сигурно влијаела средбата во Приштина, но и Еди Рама влијаеше на изборот на албанските партии на последните избори, порачува аналитичарот.

Ги помеша ли Таравари „сметките“ на „Европскиот блок“ на СДСМ и ДУИ за претстојните избори?

Првиот човек на партијата Македонски концепт, Петар Богојески во разговор за „Локално“ вели дека воопшто не гледа „европски блок“ за да им се замешаат било кои сметки.

Петар Богојески

-Не може „Аца Антиќ“ и Таќе Шумадинац да водат европски фронт. Ние со оваа власт, секој ден сме се подалеку од ЕУ! За жал! Таравари е соучесник во сето тоа. Да се потсетиме, тој е дел од владата, порачува Богојески.

Во однос на тоа дали Таравари за Ковачевски ќе биде Ахмети за Груевски од изборите во 2016-та, Богојески е дециден дека Ахмети за Груевски не беше ништо во 2016 година.

-Груевски за Груевски беше катаклизмата во тие времиња, потенцира соговорникот.

Додава дека ДУИ е најмал проблем да се симне од власт.

-Албанскиот етнички шовинизам и верски радикализам е проблем на сите албански партии и тука не гледам разлика помеѓу нив, вели претседателот на Македонски концепт.

Македонски Концепт, потенцира Богојески, инсистира на обединета опозиција која ќе освои над 61 пратеник, истакнувајќи дека малку битно ќе биде дали некој „албански“ партнер ќе влезе во влада или не.

-Ако некои Албанци денес се вистински опозиционери, нека повелат уште сега нека влезат во тој опозициски блок, заклучува Богојески.

Н.П.

Слични содржини